Хигиенско техничките услови на градскиот пазар, лоши, надлежните сеуште молчат околу изградбата на нов пазар
Хигиената и организираноста на градскиот пазар на незавидно ниво, реагираат граѓаните. Велат дека производите кои се продаваат не се чуваат правилно. Од ЈП „Градски пазар“ објаснуваат дека уредувањето на пазарот е пропишано со посебен правилник. Се чека изградбата на новиот пазар, но таа никако да започне
Охриѓани се жалат на хигиената и организираноста на градскиот пазар. Велат дека производите кои се продаваат не се чуваат правилно, голем дел од пазарџиите зеленчукот и овошјето го оставаат преку ноќ на тезгите покриено само со некои најлонски кеси,а многу пати гајби со производи можат да се видат и до тезгите поставени буквално на земја. Од ЈП „Градски пазар“ објаснуваат дека уредувањето на пазарот е пропишано со посебен правилник според кој закупците се задолжени секојдневно наутро да ја изложуваат стоката, а навечер да ја прибираат. Додаваат дека продавачите на сопствен ризик производите и навечер ги оставаат на пазарот.
За оставената и невратена стока ние како претпријатие не одговараме. За среќа досега не се случил некаков инцидент. А во однос на поставената стока до тезгите тоа го толерираме посебно во пазарен ден како што е понеделник бидејќи тезгата е мала за продавачите да можат да изложат се што имаат. Но, задолжително мора производите да ги постават на висината на тезгата, вели Марија Завојческа-портпарол на ЈП „Градски пазар“.
Завојческа објаснува дека хигиената на градскиот пазар постојано се контролира од страна на дулеџиите, но и од комуналната и санитарната инспекција. Досега до нив не биле поднесени никакви преставки во врска со хигиената на пазарот. Останува фактот дека на Охрид час поскоро му е потребна реализација на долго најавуваниот проект за изградба на современ градски пазар. Но, работите на овој план закочија. Првиот тендер кој го распиша Локалната пропадна бидејќи не се јави ниту еден заинтересиран инвеститор. Образложението беше дека условите кои ги поставила локалната биле неприфатливи па затоа советниците донесоа одлука за повторување на постапката за доделување договор за воспоставување јавно приватно партнерство за изградба на градски пазар.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, има овластување и обврска со рок од 9 месеци од стапување на сила на одлуката да ја спроведе постапката и да потпише договор со најповолниот понудувач. Два месеци веќе изминаа. Договорот за ЈПП тежок скоро 6 милиони евра треба да се потпишер најдоцна до март 2015та. Денеска побаравме информација од Локалната самоуптава до каде се активностите во врска со спроведување на постапката односно дали е веќе објавен јавниот повик. Одговор не добивме. Инаку колку за потсетување, и од локалната и од ОК на ВМРО ДПМНЕ ветуваа дека до крајот на минатата 2013та ќе биде удрен камен темелникот и ќе се отпочне со изградба на современиот градски пазар.
{loadposition content9}