Меморијално фудбалско шоу на охридската медиумска заедница
Меморијалниот медиумски фудбалски куп го понуди токму она што сите го очекуваа. Воедно медиумските работници од градов ја покажаа и својата забавна страна во една опуштена атмосфера.
Многу забава, многу дружење, а по малку и трчање и фудбал на Меморијалниот медиумски фудбалски куп.
16ина новинари, монтажери, камермани, водители, сопственици на медиуми, поделени во два тима, вчера одиграа фудбалски натпревар во чест на своите колеги Петар Алексоски од Телевизија ТВМ, Наумче Аврамоски-Ди џеј Бруце, Влатко Пантоски-Ди џеј Пантер од Супер Радио и Јован Слатинец-Ди џеј Мравка, кои оставија белег во охридската медиумска сцена, а кои прерано не напуштија.
Натпреварот беше приказна сама за себе, и тоа забавна приказна. За почеток, посебно отпечатените маички со имињата на учесниците го отежнаа препознавањето, па во првите моменти најверојатно никој не знаеше во кој тим припаѓа.
Откако се консолидираа редовите, започна бескомпромисна битка на различните фудбалски филозофии, филозофии кои вклучуваа трчање во погрешна насока, шутирање на погрешен гол, применување на одбојкарски и кошаркарски потези, интересни фаули и секако фудбалски судија кој сериозно си ја сфати работата па неколку пати додели и 2минутни исклучувања.
Имаше и пенали, имаше и шеговити коментари честопати поинтересни отколку топката, но пред се го имаше она кое беше цел на целокупната организација на овој фудбалски турнир, забава и дружба на медиумската фела која е тешко да се постигне на друг начин.
Натпреварот заврши, исцрпеноста се гледаше на сите лица кои 40 минути трчаа по истата топка, но имаше и нешто друго што уште појасно се читаше на лицата од учесниците, задоволство што можеби започнаа една традиција не само на играње фудбалски натпревар, туку традиција на медиумско дружење.
Резултатот, како и на секој натпревар од ваков карактер беше во втор план, особено затоа што никој не се сеќаваше на него. Ама се чини на крајот сите излеговме победници, затоа што ги победивме нашите напорни секојдневнија, стресните ситуации, сериозните интервјуа, прес конференции, се забавувавме, игравме фудбал.
Инаку во план на организаторите е медиумскиот фудбалски куп да прерасне во традиционален и никогаш да не се заборават драгите колеги, нашите Петар, Наумче, Влатко и Јован.
{loadposition content9}