Центарот за социјални работи од Охрид задоволен од интересот за бесплатните курсеви за децата без родители
Курсевите ќе ги спроведуваат правни субјекти кои ќе бидат избрани преку тендерска постапка.
Задоволителен интересот за посетување на бесплатните курсеви по компјутери и англиски јазик кои ги организира Министерството за труд и социјална политика-оценуваат од охридскиот Центар за социјални работи. Со овие почетни курсеви ќе бидат опфатени децата без родители и родителска грижа сместени во згрижувачко семејство, во мал групен дом, во установи за социјална заштита, деца под старателство на близок сродник и лица кои до својата осумнаесетта година имале статус на деца без родители, но не се постари од 26 години.
„Постапувајќи по насоките од Министерството, стапивме во контакт со децата кои ги имаме во нашата евиденција. Контактот го направивме телефонски, па одевме на увид во нивните домови со покани и задоволни сме од одзивот кој го имавме од децата. Имено кај нас пополнија пријави за посетување на курсеви по англиски јазик и компјутери, имаше претежно желба кај децата двата курсеви да ги посетуваат, вкупно се пријавија 19 деца.“-вели м-р Гордана Атанасова-социјален работник во Центарот за социјални работи од Охрид.
Од 19те пријавени деца, 5 деца се сместени во згрижувачки семејства, две деца се сместени во мал групен дом, едно дете во социјална установа, три деца кои до 18 години имале статус на деца без родители, а останатите деца се деца под старателство на нивни блиски роднини.
„Курсевите ќе ги посетуваат според нивното место на живеење. Тие деца што се наоѓаат на територијата на Охрид, ќе посетуваат курсеви во Охрид, додека деца кои се сместени во мал групен дом, во установи во други градови, ќе посетуваат курсеви во градовите каде што моментално се наоѓаат. Во неколку наврати го известувавме Министерството за труд и социјална политика, за лицата кои конкурираа. Министерството веднаш реагираше, така да школите, имаме информација дека веднаш исконтактирале со згрижувачите, старателите на децата, така да веќе почнаа да се закажуваат термини за посетување на овие курсеви.“-рече Атанасова.
Инаку станува збор за почетни курсеви по англиски јазик и работа со компјутери. Истите ќе траат два месеци, часовите ќе се одржуват два пати неделно со вкупен фонд на часови од 32 часа по 45 минути. По завршувањето на курсот, сите учесници ќе добијат сертификат за завршено ниво, курс по офис автоматизација и курс по англиски јазик.
{loadposition content9}