Пензионерите од Дебрца формираа посебно здружение
Пензионерите од Дебрца формираа посебно здружение.
Засебно здружение формираа пензионерите од општина Дебрца. Сисое Иваноски е новиот претседател на Здружението на пензионери на Дебрца. Со основачкото Собрание тие се издвоија од Здружение на пензионери од Охрид и Дебрца. Иваноски кажува дека претходно спровеле анкета со пензионерите од нивната општина. Над 70 проценти од анкетираните жители дале согласност да се издвојат од досегашното здружение на пензионери. Иваноски ги наведува и причините за ваквата одлука.
„ Имаше незадоволство од екскурзиите кои ги преземаше здружението во Охрид. Нити еден наш пензионер не беше известен за екскуризиите. Тоа не револтираше и не натера да преземеме таков чекор да основаме свое здружение. Со еден збор една поголема фамилија има поголеми проблеми, а помала пак помали. Ние како помало здружение ќе имаме и помали проблеми кои полесно ќе ги решаваме“, објаснува Иваноски.
Иваноски признава дека сеуште не го имаат контактирано Сојузот на пензионери на Македонија, но веруваат дека ќе бидат прифатени и регистрирани.
Ваквиот чин го изненади раководството на старото здружение. Тоа е нивно право и ние не сме против формирањето на здружение, вели Ѓорги Трпчески претседател на Здружението на пензионери на Охрид и Дебрца. Знаеле за иницијативата ама се изненадени од тоа што не биле известени и не добиле покана да учествуваат на оснивачкото Собрание.
„На постечкото Здружение на пензионерите од Охрид и Дебрца ако се одвојат нема да има никакво влијание. Ние имаме доволно членство за да функционираме со над 8000 пензионери кои ќе останат и кај нас ништо не се менува, само може да ни ја олеснат работата“, напоменува Трпчески.
Во здружението на пензионери од Охрид и Дебрца има околу 600 пензионери само од општина Дебрца по основ на старосна и семејна пензија. За да се префрлат во новото здружение по статутот на здружението пензионерите треба да побараат исписница за да можат да пристапат во новото, потенцира секретарот на здружението на пензионери од Охрид и Дебрца Стефан Владимиров. Додава дека досега до нивното здружение нема нити едно барање за издавање на исписница.
{loadposition content9}