Нов изглед на струшкиот плоштад и реконструкција на Споменикот на револуцијата-дел од плановите на градоначалникот Села
Споменикот на револуцијата и струшкиот плоштад, дел од плановите на градоначалникот Зијадин Села. За реализација на истите, вели дека чека соодветни дозволи од Министерството за култура. Според Села, Струга заслужува еден убаво уреден, а не руиниран плоштад каков што е во моментот.
Реконструкција на струшкиот плоштад со зачувување на „Споменикот на револуцијата“ се дел од плановите на градоначалникот на Струга, Зијадин Села. Состојбата во која се наоѓаат истите години наназад, бараат што е можно побрза реакција од страна на локалната самоуправа од Струга.
Градоначалникот Села смета дека стружани заслужуваат едно убаво решение како градски плоштад во кое сите граѓани ќе можат да уживаат.
„Сакам еден друг поглед да дадам на центарот на градот. Да не е ова што е, да имаме еден добр објект, добар плоштад, а не вака, да имаме еден плоштад кој е запоставен од Министерството за култура, а од друга страна нема инвестиции за истиот плоштад и тој е руиниран. Иако јас имам волја барем еден парк тука да се направи, со тоа што би се зачувал споменикот, но ни треба дозвола од страна на Министерството за култура за да инвестирам во тоа.“-вели градоначалникот на Струга, Зијадин Села.
Состојбата во која се наоѓа струшкиот плоштад, а особено „Споменикот на револуцијата“ е очајна веќе години наназад.
Телевизија ТВМ во повеќе наврати има известувано за овој проблем уште за време на мандатот на претходниот градоначалник. Претходната локална самоуправа во Струга уште од 2009та година најавуваше дека за плоштадот е предвидено современо решение кое ќе вклучува уредување на плоштадот, изградба на подземно паркиралиште и повеќе зелени површини. Дел од самиот проект за уредување на плоштадот беше и реконструкцијата на „Споменикот на револуцијата“ околу кој просторот требаше хортикултурно и партерно да се уреди. Сепак 5 години подоцна, ситуацијата со струшкиот плоштад сеуште непроменета. Тогашниот градоначалник во неколку наврати потенцираше дека причина за нереализирањето на овој проект лежи во одолговлекувањето со носењето на урбанистичкиот план за оваа локација.
Останува да почекаме и видиме дали охрабрувачките зборови на сегашниот градоначалник, Зијадин Села ќе се обвистинат и стружани конечно ќе добијат заштитен „Споменик на револуцијата“ и плоштад каков што заслужуваат.
{loadposition content9}