По забраната за референдум, шпанската влада сега сака да ги забрани и “необврзувачките консултации” со граѓаните на Каталонија, кои се најавени за 9 ноември. За каталонските власти тоа е очигледна злоупотреба на власта.
Најавата на властите од Мадрид дека по судски пат ќе го забранат и ова изјаснување, ги крена на нозе челниците на Каталонија.
“Тоа не само што е смешно, шпанските власти ја злоупотребуваат власта и законите. Уставниот суд го користат во погрешни цели, го присилуваат да одлучува за прашања кои не се во негова надлежност. Работата на Уставниот суд не е да решава политички прашања”, рекол Артур Мас, претседателот на шпанската покраина Каталонија.
Но, работата на Уставниот суд е токму тоа да одлучува за уставноста. Референдумот е забранет, бидејќи законот предвидува негово одржување на цела територија , а не само на еден дел од државата. Властите во Мадрид веруваат дека и овие консултации се противуставни.
“Одлуката мора да ја донесе народот. Факт е дека не нѝ допуштаат консултации, односно уфрлање на ливчиња во кутии, а тоа покажува недостаток на почитување. Ние само сакаме да се изјасниме. Ако исходот биде позитивен, добро. Ако биде негативен, повторно добро. Но, ние имаме право да кажеме што мислиме”, рекла Џудит Торент, жител на Барселона.
Со површина нешто поголема од Белгија, Каталонија е еден од најбогатите и индустриски нјразвиените делови од Шпанија, со седум милиони жители. Каталонија е воедно и најзадолжена покраина, но Каталонците веруваат дека тоа би било поинаку ако заработката останува во нивните џебови.
{loadposition content9}