Можни измени на правилникот за безбедност на капалиштата-ќе се применуваат од наредната сезона?
Број на спасители според должината на ефективно користената површина на плажата, намалени зони за безбедно капење. Предлог измени на правилникот за видот и обележување на капалиштата. Релевантни институции, министерства, претставници од локални самоуправи, заеднички дискутираа за подобрување на застарената законска регулатива за безбедност на капалиштата.
Бројот на спасители и медицински екипи на плажите ќе се одредува според должината на ефективно користената површина од плажата, соодветно обележување на капалиштето односно одредување на зоните на безбедно капење според актуелните европски стандарди. Ова се дел од предлог измените на правилникот за видот и обележување на капалиштата. Релевантни институции, претставници од Министерството за транспорт и врски, и претставници од повеќе локални самоуправи три дена дискутираа за можните измени на правилникот со кој би се подобрила законската регулатива за безбедност на капалиштата.
„Вродија со изготвени предлог измени на правилникот на кои што и од страна на Министерството за транспорт и врски каде што има желба и расположение да се изготват овие промени и да се донесе нов правилник за наредната туристичка сезона, некаде до крајот на Март месец, да бидат воспоставени сите овие законски мерила и норми според европските стандарди и во текот на летната туристичка сезона да немаме никакви проблеми по однос на обележување на капалиштата, бројот на службите кои што треба да бидат ангажирани што е задача на концесионерот, изготвување на правилници за редот на капалиштето кој треба да го изготви концесионерот во соработка со други институции.“-вели Сашо Точков од Црвениот крст од Охрид.
Предлог измените на правилникот се во рамките на проектот кој Црвениот крст на Македонија го спроведува во соработка со нивните колеги од Бугарија, а финансирани од Министерството за надворешни работи на Република Бугарија. Панел дискусијата во Скопје, беше третата фаза од самиот проект.
„Учествуваа сите засегнати страни од институциите, Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за млади и спорт, претставници на општините кои што се туристички општини, кои припаѓаат на туристичките региони, односно кои што имаат соодветна водена површина. Морам да истакнам дека беа претставници од Дојран, Гевгелија, Ресен, Струга, дури и од вештачкото езеро „Младост“ од Велес, за жал, иако беа уредно поканети, немавме претставници од локалната самоуправа од Охрид која навистина треба да биде водечка во овој дел и со оглед на големата водена површина, но и со оглед на оние проблеми кои што ни се јавуваат секојдневно во летниот период и се однесуваат на уредувањето на капалиштата, безбедноста на самите капалишта, на безбедноста на самите капачи.“-рече тој.
Точков вели дека на тридневната дискусија во соработка со Агенцијата за млади и спорт биле направени и првите чекори напред во делот на регулирање на безбедноста на капалиштата на базените и аквапарковите. Тој додава дека во наредниов период Црвениот крст од Охрид ќе организира и дополнителни работилници за целосно информирање на релевантните институции со предлог измените на правилникот.
{loadposition content9}