Бакојани во посета на Белград
Местото на Србија е во европското семејство, изјави за српскиот весник „Блиц“ грчкиот министер за надворешни работи Дора Бакојани пред денешната посета на Белград во улога на претседавач на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Бакојани истакна дека Србија одиграла клучна улога во формирањето на ОБСЕ, со оглед на тоа што првата конференција на Организацијата, по основачката конференција во Хелсинки, се одржала во Белград.
Таа напомена дека Србија упорно работи на зачувување на човековите права и правата на малцинствата, за почитување на владеењето на правото и реформи во правосудството, медиумите и полицијата.
Посетата на Бакојани на Србија е дел од нејзината турнеја низ земјите од Балканот во својство на претседавач со ОБСЕ.
Предвидено е за време на престојот во Белград, Бакојани да се сретне со српскиот претседател Борис Тадиќ, со премиерот Мирко Цветковиќ, со шефот на дипломатијата Вук Јеремиќ, со министерот за Косово и Метохија, Горан Богдановиќ, како и со претставници на невладиниот сектор.
Бакојани утре од Белград ќе отпатува за Приштина, каде е стационирана една од најголемите мисии на ОБСЕ.
Грција на 1 јануари го презеде едногодишното претседавање со ОБСЕ.
{loadposition content9}