Итната медицинска служба со полни раце работа
Во Итната медицинска служба деновиве зголемен е бројот на повици од хронично болните пациенти и срцево болните, но не и пациенти со повреди и скршеници, информираат од оваа служба. Слична е состојбата и во соседна Струга, а во Специјалната болница „Св Еразмо“, не можат да стигнат пациентите од Струга, Дебар и Кичево поради нерасчистените и непроодни патишта.
Итната медицинска служба бележи зголемен број повици од хронично болни пациенти и срцево болните, но не и пациенти со повреди и скршеници. Очекуваат бројот на пациенти да се зголеми деновиве поради мразот на улиците. Од друга страна, непроодните патиштата им претставуваат голем проблем на екипите на брзата помош. Тешко се пробиваат на одредени локации во градов како и до селата за да интервенираат во итни случаи, како што нагласи раководителот на службата д-р Александар Стојаноски.
„Во овие временски услови бројот на интервенции е нешто зголемен не така драстично меѓутоа интервенциите ги извршуваме со задоцнување поради временските услови. Патиштата не се проодни би препорачал, пред се, возачите да ги повлечат возилата за комплетно да се исчисти патот“ – вели д-р Стојаноски.
Тој апелира до граѓаните, поради временските услови и големиот број повици доколку станува збор за полесни случаи граѓаните да се обидат да дојдат до службата а не да бараат екипа на брзата помош да ги посети дома. И брзата помош при Здравствен дом Струга се соочува со тешкотии поради временските услови но одговориле на сите повици .
Директорот Марко Стрезовски кажува дека само во текот на вчерашниот ден имало 48 интервенции од кои тројца со скршеници. И денес бројката е слична само што имале и 5 транспортирања на пациенти до други болници. Како што кажа Стрезовски работеле со по два тима во една смена, а и возачите биле во голема приправност и немало никакви проблеми. Поради непроодните и нерасчистени патишта проблем имале пациентите од Струга, Кичево и Дебар кои не можеле да стигнат до Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св Еразмо “ изјави директорот на Болницата д-р Митко Тилев.
Со оглед дека од денеска Охрид и Струга ќе бидат зафатени од пониски температури кои ја дефинираат жолтата фаза, лекарите порачуваат граѓаните да се придржуваат кон општите препораки за заштита од ниските температури, како што се: носење топла облека и соодветни обувки за снег или мраз, редовно конзумирање топли напитоци, избегнување подолг престој на отворено освен ако не е неопходно, како и внимателно движење по лизгави површини.
{loadposition content9}