Булевар „Туристичка“ или автобуски паркинг „Туристичка“?
Блокирана коловозна лента од паркирани туристички автобуси на булеварот „Туристичка“. Автобусите кои ги истовараат своите патници се задржуваат подолго од законски предвиденото, а не ретко и ги паркираат своите автобуси на дел од коловозната лента. Според СВР Охрид, предизвикувањето на застои во сообраќајот е недозволено.
Булеварот „Туристичка“ денеска изгледаше како автобуска станица.
Колона од неколку туристички автобуси, паркирани на коловозната лента од булеварот го отежнаа одвивањето на сообраќајот на нашата најголема улица. Еден извесен временски период, сообраќајот се одвиваше само по една сообраќајна лента, а со оглед на зимските околности, и мразот и снегот натрупани на работ од коловозите, ова значеше бавно одвивање на сообраќајот и револт кај возачите. Сликата не се промени до доцна попладне.
Туристи по сред коловоз го влечкаа својот багаж и го сместуваа во автобусите додека другите учесници во сообраќајот својот револт го искажуваа со свирење. За сето тоа време нашата камера не забележа присуство на сообраќајната полиција. Го контактиравме Секторот за внатрешни работи од Охрид. Од таму ни рекоа дека кај ваквите случаи најчесто реагираат превентивно.
Паркирањето на автобуси на коловозните ленти и предизвикување застои во сообраќајот не се дозволени, велат од СВР. Портпаролот, Стефан Димоски, за ТВМ информира дека сепак сообраќајната полиција има одредена толеранција кон туристичките автобуси но само за краткотрајно истоварање и собирање на патници како би ги поштедиле туристите од носење на својот багаж на поголема оддалеченост.
Оваа слика со туристичките автобуси е редовен декор на булеварот за време на летните месеци, новогодишните и божиќните празници, за водици и Велигден.
Инаку токму за туристичките автобуси има предвидено паркинг на улицата „АСНОМ“ во непосредна близина на Билјанини извори односно кај населбата Охридати. Дел од туристите очигледно се одлучиле за оваа опција која во секој случај е во согласност со сообраќајните правила и прописи, а воедно е побезбедна и за туристите, и за останатите учесници во сообраќајот.
{loadposition content9}