Неколку семејства од струшките села ја искористиле понудата на х.Амбасадор за привремен спас од немањето струја
Претежно семејства со мали дечиња од струшката околина кои изминатава недела живеат без струја и вода, ја прифатиле хуманата понуда на луѓето од хотел Амбасадор за престој додека трае ситуацијата со немањето струја. Од хотелот задоволни се од досегашниот одзив, но додаваат дека луѓето од најкритичните места сеуште не знаат за опцијата која им ја нудат.
Неколку семејства од струшката околина кои разбрале за великодушната понуда на луѓето од хотел Амбасадор, ја искористиле можноста дел од своите тековни работи, од одржување хигиена, затоплување, па и престој во хотелот додека трае ситуацијата со немање струја и вода поради проблемите со снегот. Стефан Николоски од х.Амбасадор вели дека идејата да им помогнат на сите засегнати семејства дошла спонтано откако две семејства уште во првите денови од снежното невреме дошле во хотелот да се загреат, по што Николоски им дал налог на вработените оваа услуга да ја нудат на сите кои се наоѓаат во иста или слична ситуација.
Сепак проблемот со немањето струја токму во погодените места, го отежнува информирањето на луѓето.
„Проблематично претпоставувам дека е информирањето нивно бидејќи одзивот е во добар број ама сеуште не е допрен до оние најкритичните кои што имаат мали дечиња. На семејствата кои што доаѓаат во Амбасадор јас им пренесувам да им кажат на тие што се позагрозени, слободно да дојда. Објавивме иницијатива преку фејсбук, директорот на АД „Галеб“ се понуди несебично да организира превоз бесплатно од место каде што ќе кажат и кога ќе кажат до Амбасадор, меѓутоа еве очигледно не се сеуште добро информирани доволно, па еве еден апел до луѓето кои што можеби ова ќе го погледнат, да ги информираат дека може слободно во секое време да дојдат и се што треба да се помогне, бидејќи рака со рака се мие, нели?“-вели Стефан Николоски од хотел „Амбасадор“.
Освен основните потребни за одржување на хигиена, миење, перење, пеглање, како и престој во хотелот, Николоски вели дека оние кои ќе решат да дојдат можат со себе да ја понесат и храната што ја имаат во фрижидерите со цел истата да не им се расипе поради немањето на струја. Воедно тој упати апел до жителите на струшките и охридските села кои сеуште не добиле струја воопшто да не се двоумат или да се чувствуваат непријатно, и да отседнат во хотелот додека е тоа потребно.
{loadposition content9}