Skip to main content

Охриѓани, веста за христовото раѓање ќе ја дочекаат со скромна трпеза

Традиционалните јадења, гравче, риба, посна сарма и овошје за Бадник, и свинско за Божиќ, сепак ќе ги има. Куќите на верниците пак неизбежно ќе бидат украсени со традиционалното бадниково гранче.

 |  Мишел Наумоски  | 
trpeza
трпеза

Градскиот пазар полн со граѓани кои шетаат од тезга до тезга и ги споредуваат цените на костените, бонбоните, овошјето и зеленчукот, обидувајќи се да дојдат поевтино до намирници за прослава на Бадник и Божиќ. Како и секогаш, цените на производите пред секој голем празник одат нагоре, па така килограм костени кои се традиционален декор за овие празници ќе ве чини  стотина денари, а за да ги наполните  чиниите за овошје со килограм мандарини ќе ви требаат 50тина денари, портокалите се поефтини и ќе ги добиете 3 килограми за 100 денари. Еве што охриѓани ќе имаат на своите бадникови и божиќни трпези.

pazar praznici„Се знае, она што се прават погачите со париче, нешто така. Ќе има секако и месо, затоа што така е и времево, студено, треба малку и свинско да има и ракивче и винце.“

„Што дал Господ, и кој што има пари повеќе, ќе има, а вака кој што може, тоа ќе стави.“

„Бадниковата трпеза што ќе има? Кој како ќе има, така. Ако нема, што ќе стави на мензата? Мора да има малку месо, ако нема на Божиќ мрсно на трпезата, не е Божиќ да го славиш како што треба.“

„Бадниковата посно, вечерва и утре, а на Божиќ, мрсно.“-рекоа дел од граѓаните.

badnikovo granceОсвен традиционалните јадења за овие празници на трпезите,  влезните врати ќе ги красат и неизбежните бадникови гранчиња, по 5 или 10 денари од гранче, тие и не се баш најскапиот декор, но еве какво е нивното значење.

„Специјално е бадниковото дрво, дабот, од благон даб, оди папрадот и смреката. Тоа е еден комплет бадник. Смреката пример, како што се сили огнот од смреката, така да се сили фамилијата во куќата, а папрадот, едно ливче од папрадот има како везано, тоа има многу рецки и е многу шарено и лично и како што папрадот има рецки-така да се множи фамилијата, да има повеќе деца да се раѓаат.“-вели продавачот на бадникови гранчиња.

Некој поскромно, некој побогато, во зависност од тоа колкав буџет останал во џепот на граѓанинот после прославата на Новата година. Сепак, она што е најважно за Бадник и Божиќ, тоа е поминувањето на времето со своите најблиски. Всушност така вели и народната, кај и да си, пред Божиќ, за Божиќ дома да си.

{loadposition content9}