„Мој термин“ во Охрид, функционира добро
„Мој термин“ во Охрид, функционира добро. Дури 90% од пациентите го почитувале закажаниот термин и задоволни биле од истиот бидејќи не чекале многу како во минатото, вели д-р Лилјана Ангелеска од Општа болница Охрид.
Мал број пациенти не се јавуваат на закажаниот преглед од Мој термин, во охридската болница. Како што информираат од таму, секој ден со оваа Владина мерка се извршуваат по 24 прегледи, на сите одделенија од Општа болница Охрид. Д-р Лилјана Ангелеска нагласува дека досега проектот одлично функционира, малку биле отстапките кај пациентите да не дојдат на закажаниот преглед, посебно на интерно одделение и смета дека кај пациентите дава позитивни ефекти.
„Пациентите закажани на термин 90% доаѓаат, евентуално можат да закаснат малку меѓутоа добро функционира, некои од пациентите се дури и позадоволни со Мој термин бидејќи не чекале многу, нашето искуство кажува дека и со мој термин и без него, ние исто работиме“– вели д-р Ангелеска.
Таа тврди дека пациентите најчесто навреме влегувале на закажаниот термин, но постоеле одредени пропусти кои на лице место и без проблем ги решавале.
„Нема многу чекање, евентуално ако задоцни пациентот на Мој термин и ако не дојдит наредниот пациент го примаме претходниот, значи има отстапки, пример ќе го промениме местото ако дошол тој во 9 и 30 а треба да дојде во 9 и 45 ако не е дојден пациентот, му го менуваме времето на чекање“ – додава Ангелеска.
Со измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, кој пред Нова година, во прво читање, беше прифатен од собраниската Комисија за здравство, се предвидува јавните здравствени установи да можат да наплатат 50 отсто од трошоците за здравствената услуга од оние пациенти што два пати во месецот или четири пати во годината не дошле на закажан преглед или операција, а воопшто или навреме не ги откажале термините. Д-р Ангелеска вели дека со новите измени ќе се воспостави поголем ред бидејќи санкциите повеќе ќе ги дисциплинираат пациентите и 100% од нив ќе доаѓаат на закажаниот преглед од Мој термин.
{loadposition content9}