Трајкоски ќе го решава проблемот со отпадните води во Велмеј и Лешани
Во општина Дебрца ќе се решава проблемот со отпадните води во селата Велмеј и Лешани. Градоначалникот Игор Трајкоски рече дека тоа ќе се реализира со грантот неповратни средства за инфраструктурни проект во висина од 260 000 евра обезбедени од Министерството за финансии прку ИПА програмата, како и со дел од средства од Светска банка.
Општина Дебрца ќе аплицира во Министерството за финансии за добивање грант, неповратни средства за инфраструктурни проекти во рурални општини. Станува збор за средства во висина до 260.000 евра. Градоначалникот на Дебрца, Игор Трајкоски вели дека тие уште од минатата година ја изготвиле проектната документација со цел да можат веднаш да аплицираат.
„Со овој повик ние како локална имаме спремано проектна документација за изградба на фекална канализација во село Велмеј значи со тој проект ќе аплицираме и ќе оствариме едно од ветувањата дадени пред граѓаните во предизборната програма дека ќе се изгради канализација во Велмеј и еве конкретно со овој повик ќе се затвори тоа прашање“ – вели Трајкоски.
Покрај грантот неповратни средства за инфраструктурни проекти, Трајкоски најави дека во соработка со ресорното министерство, преку проектот од Светска банка за подобрување на меѓуопштинските услуги ќе аплицираат за уште еден мошне важен проект.
„Имаме изработено проектна документација и во преговори со Банката за изградба на фекална канализација во село Лешани и практично би дошло како еден систем кој што ќе се спојат овие две села во една пречистителна станица каде што ќе имаме пречистување на отпадните води и би се решил проблемот со отпадните води во тој дел на општина Дебрца“ – изјави Трајкоски.
Руралните општини веќе од 06 јануари можат да аплицираат во Министерството за финансии за добивање на неповратните средства наменети за инвестиции за водоснабдување, собирање и третман на отпадни води, управување со цврст отпад, изградба или реконструкција на локални патишта и улици и други инфраструктурни зафати. Може да бидат наменети и за проекти за улично осветлување, уредување и изградба на туристички и рекреативни области, изградба и реконструкција на општински објекти. За дел од вкупно 20те милиони евра грантови за рурални општини апликации ќе можат да поднесуваат и поголемите општини на чија територија има рурални подрачја.
{loadposition content9}