Жељко Јоксимовиќ и Зоран Милески го примија кумството за Водици 2015та
Со предавањето на светиот крст, стариот кум, градоначалникот Никола Бакрачески на новите кумови, и сите верници им посака здравје, среќа и љубов.
Во духот на православието, со пладневна света литургија и предавање на светиот крст, денес, новите кумови на Водици 2015та, големата балканска ѕвезда, Жељко Јоксимовиќ и Зоран Милески го примија кумството за оваа година. Јоксимовиќ вели дека понесен од импресиите од минатата година кога на овој празник одржа концерт во Охрид, се родила желбата и самиот да биде дел од целото празнување. Според него, охриѓани со начинот на кој го одбележуваат овој голем христијански празник, ги вреднуваат вистинските вредности и христовото име. Вели дека во Охрид се чувствува навистина пријатно и токму затоа го донел и поширокото семејство. Милески пак се чувствува почестено што доби можност да биде кум на овој голем празник.
„Овде сме навистина удобно сместени и сега почнува таа предпразнична атмосфера, јас и лани го гледав тоа и уживав, се надевам дека оваа година и вака со поширокото семејство и пријателите и кумовите ќе уживаме овде во Охрид и во сите убавини кои Охрид ги пружи. После оваа света литургија, секако дека повеќе се чувствувам како охриѓанец, вчера имав една ситуација кога доаѓав, пишува таму на некој натпис нешто како „влез само за домашни, македонци“ и јас ги прашувам: „Може ли јас да влезам?“, и ми викаат: „Куме, како не може, ти си наш, влегувај.“ И тоа беше една анегдота и драго ми е поради тоа.“-вели Жељко Јоксимовиќ, кум за Водици 2015та.
„На сите верници од православна вероисповед им го честитам празникот и им посакувам големо здравје, среќа нив и на нивните семејства, му се заблагодарувам на градоначалникот што ни го предаде крстот нас како кумови и голема ни е честа на овој ден што станавме кумови на Охрид.“-рече Зоран Милески, кум на Водици 2015.
Градоначалникот и кум на Водици 2014та, Никола Бакрачески, кумството на новите кумови им го предаде со убави желби за оваа 2015та година.
„Би ја искористил оваа можност да им честитам на новите кумови за 2015та година, на Жељко и Зоран и да им посакам се најдобро во оваа година, нека Господ го благослови ова нивно кумство, нека им дари многу позитивна енергија, здравје, среќа и љубов во нивните семејства, а секако им посакувам сиве овие позитивни вредности да ги споделуваат со нивните најблиски, со семејствата, со нивните пријатели, роднини и нашите два братски народи.“-изјави градоначалникот и кум на Водици 2014, Никола Бакрачески.
Новите кумови, Јоксимовиќ и Милески, кумството за Водици 2015та година го преземаат од градоначалникот Никола Бакрачески и бизнисменот Сашо Симески. Примопредавањето беше извршено во црквата „Св.Никола Геракомија“ во стариот дел на градот. Инаку од здружението „Богојавление“ и Капетанија информираат дека наместо од брод како што се правеше минативе години, годинава крстот ќе се фрла од пристаништето, кај светилникот, односно кај „колцето“. За таа цел, сите бродови се отстранети од пристаништето. Уште еднаш упатуваат апел до капачите, да се придржуваат до обележаниот дел, односно капачите ќе смеат да пливаат по крстот, само во зоната обележана за таа намена. Доколку не го почитуваат редот, крстот нема да се фрла.
{loadposition content9}