Дали ќе го зачуваме духовното или ќе надвладее материјалното
Вековната традиција на фрлањето на крстот и покрстувањето на водите опстанала и покрај многубројните препреки и забрани. Денес одбележувањето на празникот Богојавление-Водици стана масовна манифестација која доби комерцијален карактер. Дали се повеќе се губи духовното значење на овој празник, а приматот му се дава на материјалното или сепак ќе успееме да се спротиставиме на новите текови и ќе го задржиме она што е неговата есенција.
Богојавление -Водици, празник кој им пркосел на сите општествени турбуленции и си го задржал автентичното одбележување со фрлањето на крстот и осветувањето на водите. Иако во некои периоди како на пример за време на поранешна СФРЈ поради забраната од тогашните власти, била прекината традицијата крстот да се фрла во езерото, сепак се изнаоѓале форми и начини како да се направи и зачува таа традиција. Никогаш во Охрид не престанало фрлањето на крстот па тоа се правело во црквата Св.Никола-Ѓеракомија, каде што крстот бил фрлан во голем казан. Од 1973 год. овој настан повторно добива јавен карактер и крстот пак почнува да се фрла во водите на езерото. Многу охриѓани си ја опробуваат среќата да го фатат светиот крст, но уште поголем е бројот на оние кои секоја година по покрстувањето на водите се капат во езерото за здравје и среќа.
Традицијата опстанала со векови и така и ќе остане. Јас секоја година се капам за здравје и од тоа не се откажувам. Никој на овој ден поради тоа што се искапил не се разболел, вели охриѓанецот Наум Љатков.
Богојавление-Водици од година во година прераснува во манифестација која завзема толкави размери што станува меѓународна. Но тука започнува и дилемата дали поради комерцијалниот дел се повеќе се губи духовниот и она што значи есенција за овој празник. СЕ поставува прашањето дали побудата поради која скокаат верниците е чисто духовна или има и материјални побуди. Еве што вели минатогодишниот фаќач на крстот, Петар Рупески.
Пред се не води духовното. Тоа е главен мотив што не води да скокаме во ладните езерски води, а не материјалното како што некои мислат. Ние не скокаме ниту за награди ниту за други материјални добра туко само со надеж дека таа година ќе бидеме посреќни и духовно поисполнет, вели минатогодишниот среќен фаќач.
Овогодинешниот најсреќен меѓу сите, Цветан Мицкоски рече дека да го фати крстот му била животна желба која за среќа оваа година му се исполни. Што тој очекува да му донесе светиот крст?
Само здравје и среќе со фамилијата и ништо друго, вели Цветан.
Инаку, ова година светиот крст наместо како што беше традиција години наназад да се фрла од бродот Александрија, со цел да се направи поголем ред се фрлаше од на Колцето. Но и овојпат изостана добрата организација во овој дел. Капачите не ги испочитуваа правилата, организаторите не си ги поправија минатогодишните пропусти и повторно се создаде метеж во водата на езерото. Свештените лица апелираа и опоменуваа дека крстот нема да биде фрлен доколку капачите не се повлечат назад. После неколку минутно убедување кога малку се расчисти метежот крстот беше фрлен од отец Никола Христоски и стигна до рацете на Цветан Мицкоски на кој посакуваме да му донесе здравје, среќа и берикет во годината што е пред нас.
{loadposition content9}