Skip to main content

Студена чекaлна на охридска радиологија

Граѓаните се жалат дека сред зима во постарите објекти во комплексот на охридската општа болница нема греење.  На одделението за радиологија, трансфузиологија и лабораторија чекалните се студени, реагираат пациентите. Од раководството на болницата велат дека проблемот постои, но тоа се постари објекти со огромни чекални кои не можат доволно да се затоплат. Проблемот ќе се решава со помош на ресорното министерство но по редослед на приоритети.

 |  Николоска Биљана  | 
radiologija
радиологија

arnaudovОдделението за радиологија при Општа болница Охрид е ладно и нема санитарни јазли. Пациентите реагираат дека во сред зима во чекалната премрзнувале со саати. Овој проблем не е нов и е добаро познат на раководството на оваа установа. Првиот човек Љубен Арнаудов, појаснува дека  објектот каде што се вршат рентген снимања е многу стар и тешко дека за брзо време работите во тој дел можат да се променат.

„Таму таваните се високи по 5-6 метри, огромни простории се и во најдобар случај не можат адекватно да се загреат, плус чекалните се директно на ладен воздух, бидејќи постојано се отвора и затвара вратата, очекувам да има проблеми бидејќи во најдобри ситуации не може да биде така стоплено како што би сакале старите изнемоштени болни лица.  Така да тој проблем ќе го имаме, за да го решиме знаеме како но тоа ќе оди само со програми на Министерствто за здравство по редослед на приоритети“ – вели Арнаудов.

radiologijaВо врска со проблемот на санитарните јазли, Арнаудов нагласи дека во новиот блок имаат 3 современи јавни тоалети, додека во другите објекти дел успеале да санираат и реновираат, останал не среден само тоалетот во чекалната во лабараторија. Но ставот по ова прашање на директорот е јасен дека на Општа болница Охрид потребен и е еден јавен тоалет кој ќе го користат пациентите од сите објекти во болничкиот комплекс. Арнаудов најави дека оваа година изградба на еден таков објект ќе биде приоритет на болницата.

„Го знам како проблем е многу непријатен посебно кај старите луѓе некои снимања бараат полна бешика па не знаат кај да одат, го имаме тој проблем лоциран е донесено е решение да се направи треба само моментот да дојде“ – нагласува Арнаудов.

Директорот на болницата потсетува дека за сите проблеми, прашања, забелешки и сугестии на пациентите им стои на располагање секој четврток од  17 до 20 часот. Но додава, дека досега интересот на пациентите е слаб, што можеби се должи на недоволна информираност.