Ќе се подобрува гастрономската понуда во градов
Охридските ресторани ќе почнат да нудат современа македонска кујна. Само со добра гастрономска понуда Охрид може да развива туризам, вели познатиот гастроном, Влатко Огненовски. Тој денес одржа обука во Хотел „Гарден“ за сите заинтересирани угостители од градов и пошироко.
Влатко Огненовски, готвач со големо искуство зад себе кој занаетот го печел во Сиена, Прага, Париз, Њу Јорк, Порторико, Барбадос, Мексико, Бермудските острови, Хавана, Лаос, Камбоџа, Тајланд, Косово, Црна Гора, ќе ја осовременува македонската национална кујна. Тој заедно со својот тим ќе креира модерна македонска кујна од поднебјето на Охрид. Тој вели дека доколку сакаме да развиваме туризам во градов мора да ја подобриме гастрономската понуда. Објаснува дека во моментов мениата кои им се нудат на гостите се преобемни, но без никаква креативност во јадењата кои се подготвуваат.
Очекуваме и туристите и локалните гости да почната да не прифаќаат и да пробуваат различни вкусови. Не со една шопска салата да се креира една кујна. Имаме премногу ресурси со кои располага оа поднебје кои треба правилно да ги искористиме. На пример охридскиот регион е богат со многу вргањ кој го извезуваме во Италија а ние користиме шампињони кои по пет пати се прскани со антибиотици, вели Огненовски.
Огненовски кажува дека интерес кај локалните ресторани има за подобрување на нивната гастрономска понуда и тој е сигурен дека уште ова лето гостите во нив ќе имаат можност да вкусат многу поразлични јадења од тоа што било пракса досега. Обуките ќе се вршат во една релаксирана атмосфера и тоа во кујните на некои ресторани од градов. Познатиот гастроном вели дека во иднина мора и институционално да се поработи на создавање едуциран кадар и подигнување на професијата кувар на едно повисоко ниво, бидејќи како што тврди во моментов имаме дефицит на таков кадар.
Инаку, овие гастрономски обуки се дел од проектот„Кон алтернативен туризам“ кој опфаќа повеќе фази.
Одржавме низа работилници зборувајќи за разните начини како да се надминат проблемите и да се развие алтернативниот туризам во регионот на Охрид, Струга, Вевчани и Дебрца. Издадовме и промотивни материјали кои се пласираат на повеќе медиуми, вели Лазар Неданоски-раководител на проектот.
Планирано е во рамките на проектот да се направат инфраструктурни зафати од мал обем како што се видиковци, патна сигнализација, клупи и остави за велосипеди. Ќе се развива планинарството, велосипедизмот, рибарството и параглајдерството.
{loadposition content9}