Постојана комуникација помеѓу бизнис заедницата за унапредување на бизнис климата во градов
Ова беше еден од заклучоците на денешниот седми по ред состанок на градските татковци.
Претставници од банкарскиот сектор, градежништвото, индустријата за преработка на храна, туризмот, како и локалната самоуправа, на денешниот седми по ред состанок на градските татковци дискутираа за подобрување на соработката и комуникацијата помеѓу бизнис субјектите од градов. Целта според градоналникот, Никола Бакрачески е креирање на адекватни решенија за унапредување на бизнис климата во Охрид. На изминатите седум состаноци, според градоначалникот Бакрачески се креирале предлози од кои локалната црпела идеи за развој на охридската економија.
„Претставува една структура од која што локалната самоуправа ги црпи идеите за развој на локалната економија и секако дека сите оние планови и програми кои што го спроведува локалната самоуправа во тековната година како и плановите за наредната година, во голема мера се креираат како систем на размислувања, како заклучоци кои ние ги носиме на локалниот економски совет и секако за нас е тело кое што ни овозможува да ги креираме најдобрите можни решенија во економијата во Охрид.“-вели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Претставниците од банкарскиот сектор пак, на денешниот состанок со градските татковци ги истакнале ефектите од соработката помеѓу бизнис заедницата и банките во смисла на обезбедување на извори на финансирање за локалните претпријатија.
„Банкарскиот сектор на Македонија е стабилен и високо ликвиден и следствено на тоа ги повикувам сите фирми и субјекти кои имаат добри бизнис идеи, да аплицираат во банките за добивање на ефтини средства кои што потоа би биле ставени во функција на развојот. Добивањето на ефтини средства значи раст на нивниот профит, како и нови вработувања со што се придонесува во целина за поширока општествена корист и зголемување на целокупната благосостојба во државата.“-рече директорот на охридската подружница на НЛБ Тутунска банка, Милчо Митрески.
На состанокот меѓу другото се дискутирало и за прашањето за туризмот, односно привлекување на туристи од Кина, можноста за презентирање на Охрид како туристичка дестинација на престојниот саем за туризам во Далиан Кина.
„Оваа година имаме во Охрид еден нов момент, односно Охрид ги сумираше резултатите односно статистиките за туристичките капацитети кои ќе им бидат презентирани на туристичките агенции во Македонија со цел да се направи поголема промоција и продажба на туристичките капацитети со тоа што овој пат се сегментирани колку капацитети има во приватно сместување, колку во хотелско сместување и колку капацитети се во тек, во развој, односно нови капацитети кои ќе почнат со работа оваа година.“-изјави Лејла Крстевска од стопанската комора за туризам.
Инаку, според Бакрачески, се поголем е интересот на претставници од бизнис секторот, дури и надвор од Охрид да земаат учество на седниците на локалниот економски совет.
{loadposition content9}