Невремето ја урна куќата на Неџат Рамадан, самохран татко на две болни деца
Се сруши стара куќа на ул Гоце Делчев во Охрид. Само еден ден пред немилиот настан Неџат Рамадан, самохран татко на две деца со пречки во развој решил да го напушти трошниот објект. Тој почуствувал дека куќата нема да додржи под снежните врнежи, па со децата се преселил кај соседот. Градоначалникот Никола Бакрачески вети дека Локалната самоуправа ќе помогне и финансиски и со материјал.
Без покрив на глава остана Неџат Рамадан самохран татко на две деца со пречки во развојот, 19 годишниот Омер и 20 годишната Рената. Поради обилните врнежи од снег и дожд неговата стара куќа на почетокот од февруари се сруши и од неа не остана ништо. Среќа во несреќа е што Рамадан имал претчуство дека куќата ќе се урне и се сместил кај соседот кој му отстапил дел од својата куќа, без да палќа кирија, само давачките за струја, вода и комунално.
„Ние куќата ја напуштивме денски и од невремето од дождот и снегот на први, втори во 5 часот изутрина куќата целосно беше рушена. Ние ако бевме дома не дај Боже можеше да се случи да погинеме тука“. – раскажува Рамадан.
Денес на лице место на ул „Гоце Делчев“ беше градоначалникот Никола Бакрачески. Тој рече дека покрај временските неприлики, како проблем плус поради кој се урнала куќата било и рушењето на двете соседни куќи на кои се потпирала оваа стара куќа. Бакрачески вети помош од Локалната самоуправа.
„Општина Охрид како и во сите случаи досега ќе помогне на ова семејство во рамки на нашите можности и надлежности и со парични средства и со материјал да се помогне г-динот Неџат Рамадан заедно со своето семејство дојде до покрив на главата, ќе направиме се што е во наша надлежност и ќе помогнеме максимално тоа да се реализира во што помал рок“ – изјави градоначалникот.
Бакрачески упати апел, цела заедница во Охрид да се вклучи со помош за семејството Рамадан бидејќи кај него дополнителен проблем е тоа што не е вработен, и со двете деца егзистира од средства од постојана парична помош во висина од 8 000 денари.
Неговиот син Омер од најрана возраст е врзан за кревет и е зависен од својот родител. Неговата ќерка Рената има проблем со говорот и тешко се движи. На ова семејство не само што му треба покрив на глава, туку и дополнителни парични средства, надомест за нега од туѓо лице, облека, покуќнина. Сите оние кои сакаат да помогнат на ова семејство тоа можат да го направат со донација на средства на жиро сметка
200001869045074.
{loadposition content9}