До Корита не се стигнува
Убавините на Галичица во зимскиот период недостапни за граѓаните. Иако беше ветено дека патот до Корита, познатото излетничко место на оваа планинска убавица ќе се одржува и зимава, охриѓани кои деновиве се упатиле таму имале непријатно искуство. Патот е речиси непрооден. Од Македонија пат кажуваат дека имале други приоритети па не стигнале да го исчистат овој патен правец.
Граѓаните кои сакаат да ја посетат Галичица подобро два пати да се помислат дали да го сторат тоа бидејќи можат да влезат во една несакана авантура. На патот кој води до местото Корита на неколку места има високи наноси на замрзнат снег па тешко со возило може да се помине, се жалат граѓани кои неодамна се упатиле до ова излетничко место. Тие биле затекнати од ваквата состојба на патот бидејќи пред почетокот на зимската сезона од страна на Македонија пат беше ветено дека ќе се одржува овој патен правец и дека граѓаните слободно ќе можат и зимава да одат на Галичица. Крсте Ташкоски раководителот на секција Охрид при Македонија пат во телефонски разговор за ТВМ ја потврди изјавата дадена на 29 октомври кога се одржа состанок помеѓу сите институции задолжени за зимско одржување на сите улици и патни правци во Охрид.
„ Прво треба да се заврши одржувањето на магистралните и регионалните патишта од прв приоритет, а потоа ќе се оди на трет приоритет бидејќи од втор нема. Од кога ќе се заврши чистењето , што значи секција Охрид, ќе ги одржува А3 магистралниот пат Охрид до Арбиново, А2 од Охрид до Прентов мост, и R 1301 Охрид до Св Наум , дури потоа ќе се одржува Корита“, рече Ташкоски во изјавата која ја даде на 29 октомври 2014та година.
Ташкоски денес кажа дека поради чистењето на патиштата од прв приоритет не стигнале навреме да го исчистат патот до Корита па наносите од снег кои на некои места достигнале и до еден метар замрзнале па сега е многу тешко истите да се исчистат. Ќе чекаат да се подобрат временските услови па за да можат колку толку да делуваат. Инаку, подружницата во Охрид ја нема специјалната машина за кршење мраз па ќе мора да ја позајмат од другите подружници во државава. Инаку покрај за патот до Корита до нашата редакција имаше реакции од граѓани и за тунелот на магистралниот пат Охрид Ресен. Во внатрешноста на тунелот формирани се огромни мразулци кои од сводот буквално им висат над главите на учесниците во сообраќајот и претставуваат потенцијална опасност.
{loadposition content9}