Нова закана од извршител за станарите од „Карпош Војвода“
Продолжува голготата на 5 те охридски семејства на кои има се заканува одземање на становите заради должничко доверителски односи меѓу Трудбеник како продавач на станбен простор и Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор од интерес на Р. Македонија. Единствено решение е Трудбеник да си ги подмири сметките, категоричен е директорот на Агенцијата, Цветко Грозданов.
И после една година останува неизвесна битката на пет охридски семејства за нивните станови на ул „Карпош Војвода“. Правната голгота на овие семејства која започна минатата година поради имотно правен спор помеѓу Агенцијата за стопанисување со станбен и деловен простор од интерес на РМ и АДГ Трудбеник продолжува. Иако тие по судски пат ја докажаа сопственоста врз становите сега извршителот им се заканил со ново насилно попишување на истите. Денес тие јавно запрашаа, до кога ќе трае малтретирањето од страна на извршителот на АД за стопанисување со станбен простор, и најавија нова, втора по ред кривична пријава.
„Поради ова малтретирање што ни го прави извршителот Душан Филиповиќ ние повторно ќе поднесеме тужба против него но и на АД и на Трудбеник. Може да видите дека имаме имотен лист на наше име, а тој на 10.03 сака да дојди повторно на извршување“ – изјави Јованка Цветаноска сопственик на стан.
Сопствениците на становите и покрај тоа што поседуваат судски решенија од Основен Суд Охрид и битолска Апелација, со кои се потврдува нивната сопственост, доведени се во ситуација повторно да ја докажуваат нивната неспорна сопственост. А тоа доплнително ќе ги чини и пари и нерви.
„Јас единствено би сакала да ги запрашам сите оние кои што се инволвирани во овој процес, до кога ние ќе трпиме заради нивните нерешени имотно правни односи. Тоа што си го имаат тие меѓу нив нека си го решаваат тоа започнало во 2012 година а ние сме сопственици на становите од 2008 год. Јас незнам дали е во ред да кажам можеби не е патриотски јас мислам дека ние сме една од ретките држави каде што може да се случуваат вгакви параболи“. – вели Ирена Бачиќ, сопственик на стан.
Првиот човек на АССДП Цветко Грозданов, останува на својот став кој е речиси идентичен од минатата година, дека тие мора да го запазат законскиот рок за поднесување на тужба до Трудбеник, за да не се случи делото да застари. Тој нагласи дека жалосно е што граѓаните се инволвирани во овој случај но единствено решение е Трудбеник да го плати долгот, бидејќи спорните 5 стана се единствениот имот кој што го има Трудбеник. Грозданов вели дека вакви постапки за наплата на долгови на ниво на земјава има околу 6000.
{loadposition content9}