Чаша добро вино и многу љубов, денес се празнуваат Св.Трифун и Св.Валентин
Три зарежани пенушки полеани со ланското вино за среќа, бериќет и убав род. Денес е Св.Трифун, денот кога лозарите ги закројуваат своите лозја. Младите пак денес освен празникот на виното, го слават и празникот на љубовта, Св. Валентин.
Три зарежани пенушки со надеж дека тоа ќе донесе здравје, бериќет, многу грозје и вино. Лозарите денес ги посетуваат своите лозја и ги закројуваат незапупените гранчиња. Ова се верува дека ќе донесе богат род, благо вино и дека ќе го штити лозјето од штетници и невремиња. По зарежувањето, стеблото од лозата се полива со вино и ракија од ланската берба. Во православното христијанство, свети Трифун е познат по чудата што ги правел. Една од приказните вели дека свети Трифун ја спасил царевата ќерка која била болна.
„Тој на еден чудесен начин преку своите молитви ја избавува ќерката од болеста односно преку молитвите, Христос и дава здравје и спасение на царевата ќерка која што покасно и таа станува добра христијанка. Царот му дал големо богатство меѓутоа свети Великомаченик Трифун додека се вратил дома го раздал сето тоа злато, сето тоа богатство.“-вели Отец Диме.
Младите пак, се повеќе му даваат на значење на католичкиот празник на љубовта, Свети Валентин кој се паѓа токму на денешниот датум. Вљубените, на овој ден како знак на својата љубов, си купуваат подароци, најчесто чоколадни бонбони или мечиња. Но за нив нема двоумење што попрво да слават.
Љубовта и виното одат заедно. Па денеска уживајте во двете задоволства. Можете да одберете и некоја домашна сорта. Охридското поднебје е погодно за квалитетни автохтони сорти на грозје. Денеска потврда за тоа е наградата која ја доби нашиот сограѓанин, Будимир Соколовиќ. Неговите вина, на манифестацијата недела на виното во Неготино беа наградени во рамки на натпреварот за најубави вина.
„По повод верскиот празник „Св.Трифун“ локалната самоуправа на општина Неготино, организира недела на виното, денеска беше свеченото закројување, осветување на лоза и официјално доделување на наградите за оценувањето на натпреварот во вино и ракија кој се одржуваше минативе два дена. Јас учествував со мерло барик во категорија на црни вина и го освоив второто место, а во категорија на бели вина учествував со шардоне барик и исто така го освоив второто место.“-рече Будимир Соколовиќ-индивидуален винар.
Оценувањето на вината на овој натпревар го правеле професионални енолози и дегустатори. Но не мора да бидете професионален енолог за да го прославите Свети Трифун, ниту пак да се разбирате во вина, напијте се една чашка и уживајте. А за љубовта, таа не е празник кој се паѓа еднаш во годината, таа треба да е постојано присутна.
{loadposition content9}