Училишниот одбор од средното економско училиште ќе прегласува за избор на директор
Пред еден месец училишниот одбор на актуелната вд директорка Славица Костоска и изгласа доверба за директор на училиштето, но предлогот беше вратен од страна на Градоначалникот Никола Бакрачески.
Училишниот одбор од средното економско училиште вечерва ќе прегласува за избор на директор во оваа образовна установа.
Пред еден месец училишниот одбор на актуелната вд директорка Славица Костоска и изгласа доверба за директор на училиштето, но предлогот беше вратен од страна на Градоначалникот Никола Бакрачески. Од локалната самоуправа, за ТВМ велат дека причина за тоа е што постапката за избор на директор не била извршена во согласност со законските одредби, статутот на училиштето и деловникот на училишниот одбор. Имено од 10 члена на одборот Костоска добила 5 гласа а нејзиниот противкандидат Никола Тренески добил 4, со што ниту еден не добил мнозинство гласови.
Сега на повторното гласање Одборот ќе брои 11 члена бидејќи назначен е и претставник од Министерството за образование и наука. Останатите членови се четворица од наставничкиот совет, тројца од советот на родители и тројца претставници од локалната самоуправа. Повторно изборот ќе биде помеѓу професорката со 26 годишен стаж во ова училиште Костоска и Никола Тренески, професор по географија.
Костоска ја има поддршката на Советот на родители а дознаваме дека и учениците од ова училиште собирале потписи во знак на поддршка на професорката.
Костоска беше назначена за в.д.директор на СОСУ „Свети Кирил и Методиј“ со решение на градоначалникот на Општина Охрид Никола Бакрачески во јули минатата година.
Професорот Никола Тренески со Решение на Градоначалникот Бакрачески, во јуни 2013 беше поставен за вршител на должност директор на гимназијата “Св.Климент Охридски”. По 6 месеци Тренески поднесе оставка на таа функција.
Инаку од оваа учебна година економските и медицинските паралелки во Охрид, функционираат во рамките на училиштето „Свети Кирил и Методиј“ наместо како досега во рамките на гимназија.
{loadposition content9}