Поради голема снежна бура во САД од Тексас до Нова Англија затворени се училишта, откажани се повеќе од 4.000 летови, додека стотици возачи во Кентаки, каде паднал 58 цм. снег, морале да го прекинат патувањето.
Авион на превозникот Delta Air Lines на њујоршкиот аеродром La Guardia поради обилен снег при слетувањето се излизгал од пистата и удрил во оградата. Повредени нема.
Во Колумбија, Њу Џерси, Јужна Каролина и Тенеси се најавени затварања на училишта, канцеларии и судови, додека гувернерот на Кентаки прогласи вонредна состојба. Националната гарда е разместена за да им помогне на возачите и да ги засолни во затоплени простории. Освен автомобили на патиштата заглавени се најмалку 200 камиони со приколки.
Лоши временски услови владеат и по целата должина на реката Охајо и околните држави, а едно лице загинало во автомобилска несреќа во округот Диксон во Тенеси. Во делови на Арканзас, Илиноис, Индијана и Охајо падна 28 цм. снег, додека замрзнат дожд паѓаше во Тенеси, Мисисипи и Алабама.
Минувајќи низ Кентаки, бурата ја зафати и Западна и Северна Вирџинија, па сѐ до Њујорк, Лонг Ајленд и јужните делови на Нова Англија. Вчера беа откажани преку 4300 летови, а најтешко се погодени аеродромите во Далас, Вашингтон, Филаделфија и Њујорк.
{loadposition content9}