Охрид освојува нови туристички пазари
После саемот во Белград, до почетокот на сезоната Охрид ќе се претстави во Сараево, Љубљана, Осло, Брисел, Тел Авив и Москва. Очекувањето на градската власт, се конкретни понуди и договори за привлекување на поголем број туристи, за престојнава летна сезона.
Охрид е на добар пат за освојување на нови туристички пазари. Првиот човек на општина Охрид Никола Бакрачески за годинава најави големи презентации на туристичката понуда на Охрид пред професионалната јавност, односно тур операторите, патничките агенции и новинари кои се занимаваат со туризам. Тој кажа дека после саемот во Белград, до стартот на летната туристичка сезона Охрид ќе биде претставен во Сараево, Љубљана, Осло, Брисел Тел Авив и Москава, со што ќе покаже дека Локалната самоуправа посветено работи на промоција на културното и историското наследство на градот надвор од земјава.
„Наша цел е презентацијата на она што Охрид и регионот го поседуваат да им дадеме еден нов квалитет со обрнување на внимание конкретно на професионалната јавност, не само со учество на големи саеми туку и со организирање работилници односно средби со тур оператори и медиуми, во оние држави кои што ние сметаме дека се таргет во нашата стратегија во развој на туризмот и за кој што Охрид би била привлечна дестинација“ – вели Бакрачески.
Бакрачески смета дека важно е да се потенцира дека Охрид на почетокот на јуни од 07 до 09, ќе учествува на мешовитиот самит со земјите од југоисточна Европа со НР Кина, каде ќе има штанд во Нингбо на кој што ќе ги презентира сите свои потенцијали во туризмот. А во април месец Бакрачески најави дека неколку кинески телевизиски куќи од градот Далиан ќе престојуваат во Охрид и ќе снимаат 40 минутна промотивна репортажа за туризмот, која ќе ја гледаат двесте милиони жители на Кина.
„Уверен сум дека тоа ќе даде значаен допринос за привлекување на кинески туристи во градот Охрид, што за нас претставува во овој момент приоритет и една многу значајна агенда“ – додава градоначалникот.
Како што истакна Бакрачески, врвен приоритет на нивната агенда за соработка со градовите од НР Кина, е развој на туристичката размена, односно на можностите за привлекување кинески туристи во Охрид. Тој смета дека во тој дел доста е направено. А како резултат на траа соработка Охрид веќе склучи меморандум за соработка со најразвиениот туристички град, кинески Далиан, со што годинава очекуваат голем број гости од Кина.
{loadposition content9}