Тендерите за проектите финансирани од Светска банка се завршени и во фаза на оценување
Средствата од овој кредит, со кој ќе се финансираат девет инфраструктурни проекти во градов не се префрлени на сметка на локалната. Секретарот на општината, Димитар Спасески информира дека средствата ќе се добиваат во зависност од динамиката на зафатите.
Проектите на локалната кои ќе се финансираат со кредитот од Светска банка се поблиску до својата реализација. Откако истите ја поминаа фазата на одобрување од страна на оваа реномирана финансиска институција, локалната ги реализираше и тендерот за изградба на инфраструктурните објекти, како и тендерот за набавка на специјалните возила за јавното претпријатие „Охридски комуналец“. Секретарот на општината, Димитар Спасески вели дека повеќе економски оператори се јавиле на двата јавни повици.
„Роковите за аплицирање се завршени и сега во овој момент и тендерот за набавка на возила за ЈП „Охридски комуналец“, и тендерот за изградба на инфраструктурни објекти се во фаза на евалуација и очекуваме согласно законската процедура и со финално одобрување на банката истите да пристапат кон реализација. Инаку потпишан е договорот, завршена е комплетно процедуралната активност околу договорот и сето тоа што следеше и претходеше на тој процес. Се надеваме дека многу скоро во општина Охрид ќе отпочнат градежните активности по проектите од Светска банка.“-вели секретарот Спасески.
Спасески потврди дека средствата кои локалната ќе ги добие преку овој кредит се веќе вметнати во буџетот на локалната за оваа година, но појаснува дека истите нема да бидат трансферирани на сметка на општината како полн износ.
„Формално-правно не се стигнати на сметката, затоа што тоа ќе зависи од изборот на изведувачот, од ситуациите на терен кои ќе се одвиваат. Светска банка побара од општина Охрид да обезбедиме и надворешен надзор, компанија која што ќе врши надзор. И тој услов го исполнивме. Така што исплатата ќе следи согласно пристигнати ситуации, согласно одредена динамика која што е во моментов од прилично формален карактер. Важно е дека средствата се обезбедени, а по пристигнување на ситуациите, парите ќе се трансферираат до општина Охрид и општина Охрид ќе ги трансферира до економските оператори кои ќе го добијат тендерот.“-рече Спасески.
Инаку кредитот од околу 1,7 милиони евра, локалната самоуправа ќе го употреби за неколку инфраструктурни зафати и тоа изградба на два поголеми и еден помал кружен тек на булеварот „Туристичка“, реконструкција на улиците „Питу Гули“, „Ристо Чадо“, како и „Илија Смически“ во Лескоец. Потоа реконструкција на локалниот пат кој води до Елшани, изградба на атмосферска канализација во населбите Воска и Даљан, оградување на депонијата во Буково како и набавка на специјални возила за потребите на ЈП „Охридски комуналец“.
{loadposition content9}