Здравствениот дом во Охрид доби нов ВД директор
Здравствениот дом во Охрид доби нов ВД директор по три недели без прв човек на оваа здравствена институција. Од поранешниот директор кој е во бегство, ни трага ни глас.
Доктор Катерина Арсенова Димитрова е новиот ВД директор на Здравствен дом. Така одлучи Министерството за здравство. Др Димитрова од вчера ја извршува оваа функција на која дојде од раководното место во Диспанзерот за здраво дете. Доктор Димитрова е специјалист педијатар со 33 годишно работно искуство. Таа ќе ја извршува оваа функција се додека ресорното министерство не распише оглас за назначување на нов директор. Инаку, Здравствениот дом остана три недели без директор по финансискиот скандал тежок 7,5 милиони денари кој го откри финансиската полиција. Од прво осомничениот, директорот на установата, осумнаесет дена ниту трага ниту глас. Од СВР Охрид велат дека во консултација со обвинителството и судот се превземаат мерки за пронаоѓање на лицето осомничено за финансиски криминал кое е во бегство. Засега полицијата не добила наредба од судските истанци за распишување меѓународна потерница. Директорот и двајца вработени во Здравствен дом Охрид се товарат за повеќе кривични дела и тоа „Проневера во службата“, „Поттикнување“, „Помагање“ и „Фалсификување или уништување на деловни книги“ направени во периодот 2010-2014 година. Судија по претходна постапка во Основниот суд во Охрид заради сериозноста на кривичното дело, можноста за влијание врз сведоци и опасноста од повторување на делото, на трите пријавени лица им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Двајца од осомничените веќе се во притвор од 19ти февруари.
{loadposition content9}