Охриѓанката Сања со математика го освојува светот
Математиката треба да се сака, да и се посвети време и труд, останатото доаѓа само. Ова се зборовите на охриѓанката Сања Симоновиќ, која е дел од македонската репрезентација за претстојните математички олимпијади, европската во Белорусија и светската во Тајланд. Таа досега има освоено безброј највисоки места на редовните, општинските, регионалните, државните натпревари. Најголема поддршка и е семејството. Но за патувањата на математичките олимпијади во странство на ова талентирана средношколка и е потребна помош од институциите.
Математиката главна опсесија на Сања Симоновиќ ученичка во трета година во приватното средно училиште „Јахја Кемал“. Оваа млада охриѓанка е дел од македонската репрезентација која ќе учествува на претстојнате балканска и светска математичка олимпијада. Иако во портфолиото на Сања се наоѓаат бројни дипломи за први места, одличја, награди, пофалници за успеси на општински, регионални, државни и меѓународни натпревари по математика таа е многу скромна девојка. Вели дека до петто одделение не била многу заинтересирана за математиката, но денес таа е првенец по овој предмет со злато од последната математичка олимпијада. За гледачите на ТВМ ни откри како успеала да ги достигне највисоките места по овој предмет.
„Главна преокупација ми е математика, порано одев и на физика и информатика но најдобро се снаоѓам во математиката имам огромен број награди оваа година освоив златен медал на македонската математичка олимпијада, а покрај тоа освоив и прва награда на општински регионален и државен натпревар. Повеќе се крие огромен труд отколку талент но секако двете се потребни за да се успее во таа област. Минимум учам два часа дневно а пред натгпревар се спремаме по шест и повеќе часови дневно значи целосно се посветуваме на тоа – вели Сања.
Во вторник Сања заминува за Минск, Белорусија на Европската олимпијада по математика за ученички, каде нашата земја за прв пат ќе се претстави со свои натпреварувачи. Но посебен предизвик за неа е Светската олимпијада која ќе се одржи во Чианг Маи, Тајланд. Сања вели дека за оваа олимпијада веќе е пласирана и доколку добие одредена финансиска поддршка од институциите од градов и од земјава, достојно ќе се претстави во име на нашата држава, град и училиште и во Тајланд.
„За овие натпревари државни и тие од пониско ниво сами сносуваме трошоци и се но сега кога доаѓа време за меѓународни натпревари потребна е финансиска помош, бидејќи се работи за поголеми суми на пари што моите родители не можат да ги сносат. Јас не би сакал да им сум на терет на моите родители но некако така испаѓа со сите овие трошоци и затоа се надевам дека институците ќе помогнат во тоа“ – нагласува Сања.
За да може оваа наша млада математичарка и понатаму да го промовира нашиот град, училиштето и земјава и треба финансиска помош од институциите. Сојузот на математичари на Македонија испраќа спонзорски писма со цел да се приберат средства талентираните математичари да одат на натпреварите во странство. На потег се институциите, општествено одговорните компании и поединци кои треба да вложат во талентираните ученици. Сања е целосно посветена на математиката, го вложува своето време и сиот свој труд и енергија. Се надева дека годинава таа нема да биде исклучок и дека ќе замине за далечниот Тајланд.