Прашањето за нов лидер на Волксваген доведе до ескалација на конфликтот помеѓу двајцата најмоќни луѓе на најголемиот европски производител на автомобили.
Невобичаен јавен конфликт за компанијата Волксваген изби откако претседателот на компанијата, Ferdinand Piech, во германските медиуми јавно се дистанцирал од извршниот директор Martin Winterkorn. Piech е еден од патријарсите во компанијата од Волфсбург и во нејзиниот врв е веќе 22 години, од што 9 како главен извршен директор. На Winterkorn договорот му истекува кон крајот на идната година, а јавно дал до знаење дека се гледа на местото на Piech кога овој ќе одлучи да се повлече.
Меѓутоа, спрема мислењето на аналитичарите, јавно искажаниот став на Piech пред сѐ значи дека Winterkorn ќе мора да бара нова работа, а спрема пишувањето на Frankfurter Allgemeine Zeitung, Winterkorn нема да допушти маргинализирање и веќе бара нови сојузници, тврди медиумот од упатени извори.
Во секој случај, “дворските игри” многу ги изненади бизнис круговите во Германија бидејќи Winterkorn важел за човек од голема доверба кај Piech и му бил еден од најблиските соработници веќе со години. Така, Stephan Weil, премиерот на покраината Долна Саска кој поседува 1/5 од акциите на Волксваген, за агенцијата DPA рекол дека е “непријатно изненаден од изјавите на професорот Peich”.
До објаснување не можело да се дојде ниту од компанијата ниту од канцеларијата на Piech.
Winterkorn е извршен директор во Волксваген од 2007 година и под негово водство VW минататa година продаде рекордни 10,1 милиони возила.
Ова не е прв пат Ferdinand Piech да руши извршни директори внатре во Волксваген групацијата. Така, во 2006 година во интервју за Wall Street Journal го доведе во прашање продолжувањето на мандатот на тогашниот шеф на VW, Bernd Pischetsrieder. Тој во ноември таа година поднесе оставка, а го наследи Martin Winterkorn. Лидерот на Porshe, Wendelin Wiedeking исто така се најде на листата на Piech во 2009 година, што резултираше со скорешна оставка од страна на Wiedeking.
{loadposition content9}