Со ефтини аранжмани, до домашни гости
Вонсезонска понуда по ефтини цени за домашните гости. На ваков начин Охрид ќе ги враќа туристите од земјава кои годиниве наназад ги има се помалку.
Со ефтини аранжмани Охрид ќе ги враќа домашните гости кои годиниве наназад се се помалубројни. Секторот за ТЛЕР заедно со кластерот за туризам кои оваа година од 7ми до 9ти мај се домаќини на петтиот по ред саем за туризам, „Скопје травел“, во својот концепт имаат зацртано да го вратат Охрид како туристичка дестинација на мапата на домашните туристи. Тоа ќе се прави со една поагресивна кампања и со зајакнување на туристичката понуда во месеците кои се вон главната туристичка сезона.
Охрид да не биде како што беше изминативе години дестинација која домашните гости ја посетуваа само за викенд туку со едни нови содржини и подобра туристичка понуда Охрид да биде дестинација за подолг временски период, вели ракововодителот на Секторот за ТЛЕР, Ѓоко Апостолов.
Апостолов вели дека веќе неколку години наназад се бележи негативен тренд во остварени ноќевања од домашни гости. Тоа била и основната причина општината да се зафати со посериозна анализа како да ги стимулира истите одморот да го поминат токму во Охрид. Според податоците на општинскиот инспекторат во 2014та биле остварени 439 212 ноќевања од кои многу мал процент отпаѓаат на домашните гости.
Генерално задоволни сме како измина минатава година земајќи ги во предвид лошите временски услови кои не затекнаа за време на летото. И покрај тоа имаме тренд на зголемување за 4,4% на ноќевања на странски туристи, но наспроти тоа имаме намалување за 10% домашните туристи, вели Апостолов.
Преку ноќ нема да се измени ваквата состојба, потенцира раководителот на ТЛЕР. Но со упорно залагање за краткорочен или среднорочен период Охрид ќе се врати на мапата на пожелни дестинации кај домашните гости, сигурен е тој. Повикува на соработка од страна на приватниот сектор кој за да ги наполни своите капацитети вон сезона добро треба да размисли со кои цени ќе настапи на туристичкиот пазар. Само за споредба го спомна примерот со соседна Грција каде вон сезона се нуди кревет за само едно евро на ден. Апостолов потсети дека најскап кревет е празниот кревет.
{loadposition content9}