Ѕвездите на Реал Мадрид и Барселона се закануваат со штрајк
Здружението на професионални фудбалери на Шпанија се заканува со штрајк

Лидерот на здружението на професионални фудбалери во Шпанија (AFE) Luis Rubiales потврди на вчерашната прес конференција дека ќе биде најавен штрајк во последните две кола во Примера и Секонда ако не се уважат нивните барања.
Причината за конфликтот и целата фама е договорот околу телевизиските права кој Здружението на професионални клубови (LFP) го договорило со шпанските власти. Шпанскиот фудбалски сојуз (RFEF) и Здружението на професионални фудбалери очигледно не се сложуваат околу поделбата на колачот и најавуваат прекин на сите фудбалски натпреварувања од 16 мај.
Не треба ни да се замисли каков хаос би настанал ако тоа се случи. На прес конференцијата AFE спомна 50-мина фудбалери од првата и втората лига, а меѓу нив се и асовите на Барселона и Реал Мадрид Чави, Иниеста, Пике, Касиљас и Серхио Рамос, со што е засилен вкупниот впечаток и јасно е дадено до знаење дека AFE е сериозно и дека ја има полната поддршка од непосредните актери.
Пет главни точки на кои AFE инсистира во преговорите се социјалниот дијалог, прашањето за пензии и осигурувања, признавање и застапување на AFE во преговорите околу поделбата на телевизиските права, директна уплата на пари на фудбалерите од заработката од телевизиските права и чесна дистрибуција на парите помеѓу првата и втората лига.
“Фудбалерите одлучија да ги прекинат сите натпреварувања свесни дека имаат право да ги бараат своите права. Не сме против колективната продажба на ТВ правата, но ги бараме и своите права. Мислиме дека договорот е скроен по мерка на клубовите, а не на фудбалерите. Исклучени сме од преговорите. Нема никакви гаранции по социјалните, здравствени и пензиски прашања…”, истакнал Rubiales додавајќи дека властите разговарале со челниците на клубовите, додека фудбалерите никој не ги прашува.
“Ако не се исполнат нашите барања, сѐ е можно. Ќе има штрајк во првенството, додека финалето на Купот на кралот и репрезентативните натпревари ќе се играат нормално”, заклучил Rubiales.
{loadposition content9}







