Најмногу буџетски средства за проекти од јавен интерес локалната издвоила за областите на културата и спортот
Помалку средства издвоени за проекти од социјалата има само за проектите од екологија и проекти за најмладите.
1.475.000 денари издвоени годинава од буџетот на локалната самоуправа за поддршка на проекти од интерес за општина Охрид. Се финансираат проекти од облста на културата, спортот, животната средина односно екологијата, социјалата и проекти кои се однесуваат на најмладата популација.
Годинава локалната, меѓу другото ќе ја поддржи изградбата на подна површина на прифатилиштето за бездомни животни на здружението Анималиа, проектот за пренуркување на Охридското Езеро на нуркачкиот центар Амфора, Поетската ноќ во Велестово, Охрид низ виртуелни панорами, проектот на сојузот за училишен спорт „Млади, спорт, доверба“, активности на здруженијата на слепи, како и глуви и наглуви лица. Од вкупно предвидените средства, најголемиот дел отпаѓаат на проектите од културата, и тоа 632.000 денари и спортот со 568.000 денари. Од вкупно предвидените средства за социјалата биле издвоени биле 183.000 денари или само 12.4 проценти од вкупните средства. Помалку пари биле издвоени единствено за екологијата 65.000 денари и 30.000 денари за проекти за најмладите. Сепак од локалната не знаеја да кажат колку од одобрените проекти ќе бидат поддржани.
„Во овој момент, не може да се каже колкав број на проекти ќе бидат поддржани со оваа програма, бидејќи во наредниов период ќе следува конечно потпишување на договорите со сите оние кои аплицирале, односно ги добиле, бидејќи во таа постапка, средствата се издвојуваат за почетокот на проектот, па проектот се следи од комисијата како се се одвива. Така да во моментов сега не можеме да кажеме кој проект најмногу тежи, или колку проекти ќе бидат финансирани. Издвоени се овие средства, а сега сите апликанти во понатамошната постапка ќе треба да дојдат во општина Охрид и да се потпишат договорите.“-вели Томе Џамтоски, портпарол на општина Охрид.
Џамтоски потенцира дека јасна определба на локалната е отвореност за соработка со сите здруженија, невладини организации и поединци кои аплицираат со проекти од интерес за градот.
„И оваа година има интерес кај здруженијата за аплицирање за средства од буџетот на општина Охрид што само покажува дека и ние како локална самоуправа и сите овие форми на граѓански здруженија и поединци од година во година се наоѓаме на иста бранова должина во однос на она што значи задоволување на потребите на граѓаните или иновативни форми на проекти кои ќе бидат пак во интерес на сите граѓани на Охрид.“-рече тој.
Инаку ова е втора година како локалната самоуправа издвојува средства од својот буџет за поддршка на проекти од интерес на градот. Минатата година за оваа намена беа издвоени 2 милиони 622 илјади денари.