Генерацијата првооделенци 1959та година од ОУ „Климент Охридски“ се присети на дружењата во училишните клупи
Денес се собраа во новата зграда на училиштето, и ги видоа луѓето што не ги виделе во изминатите 50 години. Некои од нив допатуваа од Канада, Швајцарија, Германија, Босна и Херцеговина, само за да се сретнат со своите школски другари.
Со продорниот звук на тешкото ѕвоно, генерацијата првооделенци од 1959та/60та година од ОУ „Св.Климент Охридски“ денес повторно се сретна во ученичките клупи.Искрени прегратки, радост, неверување и по некоја скриена солза.
Срцата не успеаа да ги скријат силните емоции на една генерација што се обединува после цели пет децении. Се расприкажаа меѓу себе, некои се дружеле сите овие години, некои сега повторно се запознаваа, некои ги оставиле своите сегашни животи патувајќи илјадници километри за да се видат со луѓето со кои пред многу години ги делеа ученичките клупи, фудбалската топка или ужинката. Еден од иницијаторите на оваа средба, Јован Митрески појаснува дека идејата произлегла гледајќи ги тогашните фотографии со неговите соученици Илија Рупев, Перо Димитров и Ефимија Каневчева. Изработиле покани и ги поканиле сите што можеле да ги пронајдат од својата генерација. Митрески со своето раскажување не врати и нас во времето кога тие како првачиња се строеле во дворот од училиштето, но во старата зграда на училиштето која сега е во сопственост на МПЦ.
„Има моменти кои се впечатливи на самите часови што се случувале, девојчињата ќе признаеме дека сме ги тргале за плетенчињата, тоа денеска го немат. Е сега девојчето кога ќе го повлечиш, таа ќе ти вратит со нешто, и тогаш доаѓаше можеби да добиеш и шамарче по некое, но сето тоа беше едно семејство така да го кажам одделението, предводени од прекрасната учителка Елена Петкоска која многу добро знаеше и како сега се сеќавам беше прекрасна, елегантна, многу лична жена беше и ние бевме воодушевени од нејзе, бевме пресреќни. За мене впечаток е дека заради нејзе, затоа што бевме со нејзе 5 години, знаеше да рече „Ако е нештото старо, да е закрпено и чисто.“ Знаете, тие зборови се како некоја дефиниција по која ќе се одреди човекот во животот и денеска сме преокупирани со се и сешто, но некои работи од тоа време остануваат.“-вели Јован Митрески-Генерација првооделенци 1959/60 ОУ „Св.Климент Охридски“.
Митрески вели дека во нивното време владеела една поинаква училишна атмосфера, професорите биле построги, но и родителите, не за да се држат децата во некоја рамка туку за да се извадат на вистинскиот пат.
„Сме дел од ова денес што го имаме, од ова одделение, не само од нашето, произлегоа академски граѓани на нашата држава кои што уживаат авторитет во градов, неизбежно се впрегнати во системот на живеење, дали се работи за лекар, за економист признат, имаме и магистри и доктори на науки, се е тоа дел од тоа што сме го примиле тоа што го дал „Св.Климент Охридски“ мене ми претставува задоволство да го носам името на моето училиште, да ми е такво едно свето име како што е „Св.Климент Охридски“.-рече тој.
Денес, во новото училиште „Св.Климент Охридски“ одржаа класен час,ги прозиваше тогашниот директор на училиштето, Ѓоко Арнаудов, а на средбата присуствуваа и дел од тогашните професори. Иницијативата за нивно повторно обединување не завршува денес и тука. Тие се договориле во 2019та повторно да се соберат и тогаш да одбележат 60 години од почекот на своето образование.