Се прават последните подготовки за екстерното тестирање
Се прават последните подготовки за екстерното тестирање во средните училишта во градов. Учениците велат дека деновиве интензивно учат за да покажат што подобри резултата, а директорите пак прават се за да создадат услови тестирањето да помине во најдобар ред.
Средношколците од прва, втора и трета година подготвени за екстерно тестирање. Од утре во сите средни училишта во градов започнува спроведувањето на ова тестирање со кое треба да се провери знаењето на учениците, но и квалитетот на наставниците. Во Охрид ќе бидат тестирани над илјада средношколци.
Во средните училишта во градов се прават последните подготовки за екстерното тестирање. Во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ тестирањето ќе се спроведува на 499 ученици. Од саботата веќе се објавија списоците со дел од предметите по кои ќе се тестираат учениците.
Кај нас се е подготвено за екстерното тестирање. Се започнува утре во 9.30 часот и ќе се реализира во три термини. Наредниот е во 11часот па во 12.30. Училниците се подготвени, компјутерите се проверени, а и тимовите од наставници кои ќе ги контролираат учениците веќе се направени, вели Јане Цаноски, директорот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.
И во Гимназијата „Св. Климент Охридски“ забрзано се подготвуваат за утрешниот екстерен испит. Државниот испитен центар навреме ги истакнал списоците кои биле постирани на веб страната на гимназијата, а истите се поставени и на огласната табла.
Нашата гимназија е подготвена за да го спроведе екстерното тестирање. Контролирани се сите компјутери. Останува да се направи уште една проверка да не има случајно некаков дефект. Тоа денес ќе го направи нашиот администратор, вели Ѕвонко Трпески- директорот на Гимназијата „Св. Климент Охридски“.
Во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ екстерно ќе бидат тестирани 180 ученици. Испитот ќе се полага на 2ри и 5ти и на 3ти и 6ти јуни. И во ова среднообразовна институција се прават последните подготовки за утрешниот ден.
Организациски и технички сме подготвени. Училниците се опремени со компјутери, сите се во добра состојба па се надеваме дека ќе нема никаков проблем. И учениците се подготвени. Веќе имаат искуство во полагањето па се би требало да протече во најдобар ред, вели директорката на средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“, Весела Темјаноска.
Средниото економско училиште „Св. Кирил и Методиј“, кое самостојно почна да функционира од оваа учебна година за прв пат организира екстерно тестирање за учениците од прва до трета година. Директорката Славица Костоска вели дека едно искуство имале со матурантите кои беа тестирани минатиот месец и се протекло во најдобар ред. Во ова училиште ќе бидат тестирани 378 ученици.
Просторни можности имаме онолку колку што успеавме да обезбедиме во оваа учебна година. Опремен е еден кабинет со 25 компјутери. Тестирањето ќе се одвива во четири групи. Започнува во 9.30 па во 11.30 се до 16.30, објаснува Костоска.
Екстерното тестирање се спроведува во сите градови во државава и е задолжително за сите ученици од четврто одделение до четврта година. Доколку некој ученик оправдано е спречен да полага во јунскиот рок има уште една можност во август. Доколку неоправдано е отсутен му се пишува еден во сведителството. Инаку, резултатите од екстерното тестирање се внесуваат во евидентните листови на сите ученици.
{loadposition content9}