Вонредни избори за помалку од година дена
Избори ќе бидат спроведени најдоцна до април идната година.
Избори ќе бидат спроведени најдоцна до април идната година. Ова го изјави еврокомесарот Јоханес Хан, по повеќе од осумчасовната средба со лидерите на четирите политички партии Груевски, Заев, Тачи и Ахмети, јавува новинарката на НОВА Славица Филиповска.
До вонредните парламентарни избори, транзицискиот период ќе треба да се искористи за решавање на внатрешните проблеми, прочистување на избирачкиот список и за да се прифатат сите препораки на Европската Унија.
Деталите за тоа кој ќе ги спроведе изборите и кој ќе остане на чело на Владата дотогаш, ќе се дискутираат на уште една средба која ќе се одржи во Брисел, идната недела.
– Како што гледате опкружен сум со лидерите на политичките партии и добро е што ги потврдивме заложбите за европската иднина на земјата. Претходно, важно е да се решат внатрешните проблеми и поради тоа имавме временски притисок и да се постигне политички компромис и баланс. Се согласивме на транзиционен период, а до крајот на април идната година да се спроведат предвремени избори, но претходно важно е државата да се подготви за тоа. Да се направи прочистување на избирачкиот список и да се прифатат сите препораки на Европската унија. Деталите ќе се договорат на средба наредната недела во Брисел – рече Хан.
Според еврокомесарот, средбата била конструктивна, а четворицата политички лидери застанаа зад него, додека тој ја даваше изјавата. Хан се заблагодари на медиумите што трпеливо чекаа осум часа.
Иако се очекуваше, на денешната средба која започна рано утрово, не учествуваат европратениците Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл, кои со Груевски и Заев разговараа на средбата во Стразбур минатата недела.
Засега нема детали околу тоа што се дискутирало на маратонската средба, која започна утринава, нешто пред 9 часот.
Прв во резиденцијата на Европската Унија пристигна премиерот Груевски, придружуван од шефот на неговиот кабинет Мартин Протуѓер, шефот на македонската дипломатија Никола Поповски и министерот за здравство Никола Тодоров.
Час подоцна пристигна и лидерот на СДСМ Зоран Заев заедно со заменик-претседателката Радмила Шеќеринска и портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети ,заедно со министерот за образование Абдулаќим Адеми и Артан Груби пристигнаа во 14 часот, а еден час подоцна дојде и лидерот на ДПА Мендух Тачи, што сугерира дека можно е еврокомесарот да остварил поединечни разговори со претставниците од четирите најголеми партии во земјава.