Со скокот на вредноста на имотот од 17% во последната година, сопственикот на најголемиот ланец на дуќани за облека, Armancio Ortega, го смени Warren Buffett на второто место на најбогати луѓе во светот, според листата на Bloomberg.
Имотот на Ortega се проценува на 71,5 милијарди долари додека американскиот инвеститор тежи 70,2 милијарди долари. На чело на листата сеуште е основачот на Microsoft, Bill Gates, со 85,5 милијарди долари.
Да потсетиме, Ortega поседува 59% од шпанскиот Inditex, компанија која стои зад ланецот продавници за облека Zara, Massimo Dutti, Bershka и Pull and Bear. Иако Inditex со 6.600 продавници ширум светот прави приходи од преку 18 милијарди евра, главното богатство на Ortega го сочинуваат недвижнините. Меѓу другите, тој е сопственик на најголемиот небодер во Шпанија, Torre Picassa и на еден од најлуксузните американски хотели. Epic Residences & Hotel во Мајами. Во само една година имотот на шпанскиот магнат се зголемил за импресивни 10,4 милијарди долари.
Официјалната биографија на Ortega кажува дека е роден во 1936 година како син на железничар, а веќе со 13 години почнува да работи во дуќан со облека. Својата прва продавница ја отвора во 1975 година со тогашната сопруга Rosalia Mer. Тој важи за мистериозен бизнисмен кој многу ретко се појавува во медиуми. Наводно досега имал само три интервјуа, ретко оди на одмор, а познат е по тоа што секој ден руча со своите вработени во ресторанот од компанијата.