ЖЦ „Бисера“ и годинава ја спроведе оваа акција која станува традиционална.
Сребра и Перо Тодороски после 42 години работа во Германија пред шест години се вратиле во Охрид и создале едно прекрасно катче за живот. Нивниот дом се наоѓа на периферијата на градот, на ул. „Петрино“ бр.57. Нема патник намерник кој поминува тука да не подзастане за да се восхитува на нивниот прекрасен двор. Поплочени патеки, многу цвеќе, трендафили, сардели, убаво обликувани зеленики, прекрасна фонтана се дел од ова оплеменето парче земја.
Сребра вели дека сето тоа се должи на нивниот труд и фантазија и голема љубов кон природата. Таа раскажува дека со часови поминува во овај свој рај и со задоволство ги извршува сите обврски околу уредувањето. Има неколку омилени дрвца кои ги засадила пред повеќе години и и се наследени од нејзините предци. Денес ова семејство доби признание за нивниот труд. ЖЦ „Бисера“ овој двор го прогласи за најубаво уреден.
Многу се радувам што гледам дека и македонците се грижат за своите дворови. Јас од секогаш сакав цвеќиња и се грижев за нив, но сега имам многу повеќе слободно време и целосно им се посветувам. Многу пати земам и од моите соседи и пријатели некое што ќе ми се допадне и го засадувам во мојот двор, вели Сребра.
Нада Мартиноска, претседателката на ЖЦ „Бисера“ кажува дека оваа акција за прогласување на најубав двор веќе им станува традиционална. Дворот на Сребра и Перо оваа година ја добил првата награда бидејќи се издвојувал од другите по своите содржини и разновидност.
Ме радува фактот што има се повеќе убави дворови во градов. Мотивот на граѓаните за нивно уредување е се поголем. Убаво е местото каде живееш да ти биде уредено и пријатно, вели Мартиноска.
Од ЖЦ „Бисера“ спровеле иницијатива и за прогласување најубава двор во колективна зграда.
За жал до сега немаме прогласено најубав двор во стамбена зграда бидејќи ниту еден не ги задоволи нашите критериуми. Незнам зошто граѓаните не сакаат да си ги уредат дворовите пред своите згради и да уживаат во нив, вели Нада Ристоска, потпреседател на ЖЦ „Бисера“.
Пофалници за најубаво уредени дворови добија и Гордана Коваческа од ул. „Климентов универзитет“ бр. 28 и Нена Ставреска, ул. Вис бб., Велгошти. Сите наградени добија по една палма од ЈП „Комуналец“ за да си ја посадат во своите дворови.