Skip to main content

„Охридско лето“ презентирано на Генералното собрание на ЕФА

Најголемата и најзначајната музичко-сценска манифестација во Македонија – фестивалот „Охридско лето“, од 4 до 7 овој месец се презентира на Генерално собрание на Европската фестивалска  асоцијација (ЕФА) што се одржува во чешкиот град  Острава.

efa

Најголемата и најзначајната музичко-сценска манифестација во Македонија – фестивалот „Охридско лето“, од 4 до 7 овој месец се презентира на Генерално собрание на Европската фестивалска  асоцијација (ЕФА) што се одржува во чешкиот град  Острава.

Според  претседателот на УО на Фестивалот „Охридско лето“,  Зоран Вељаноски Летра, кој како делегат на  Собранието престојува во овој културен центар,  покрај предвидените средби со претседателот на ЕФА Дарко Брлек, како и со претставници на останатите европски фестивали-членки на Асоцијацијата, конференцијата во Острава била  и добра можност  на првите луѓе на ЕФА да им бидат врачени официјални покани за присуство на претстојното 55-то јубилејно издание на „Охридско лето“.

зоран вељаноски-Во рамките на ЕФА работилниците стана збор и за фестивалите и културната соработка во Европа како и за спонзорства и комуникации во рамки на успешно реализирање на фестивали. На двете работилници имав кратко излагање за Фестивалот Охридско лето, и го пренесов нашето искуство во оваа тематика, вели Вељаноски –Летра.

Првиот човек на УО на најпрестижната манифестација кај нас, информира дека годинашното славеничко фестивалско издание, кое изобилува со звучни имиња од светската музичка и сценска уметност, како и целокупната фестивалска програма, предизвикале воодушевување кај првите луѓе на ЕФА.
-Навистина беа изненадени од она што го имаме на фестивалската сцена оваа година, посебно од  концертот  за свеченото отворање , изведбата  на едно од најмаркантните музички дела на дваесеттиот век, – сценската кантата „Кармина бурана“ од германскиот композитор Карл Орф. Воодушевени беа од тоа што овој грандиозен мултимедијален проект  се реализира од страна на продукциската куќа “Ла Фура Делс Баус“, кој го оценуваат како  најголем спектакл во моментов во Европа, вели Вељаноски- Летра.

За време на неколкудневниот престој во Острава, Вељаноски-Летра присуствувал и на најголемиот настан во овој чешки град, Фестивалот ,,Јаначек Мај,, кој годинава се оддржува по 40 пат. Спектакуларениот  концерт, како дел од овој најголем културен настан во Острава, бил во изведба на Кралскиот филхармониски оркестар од  Ливерпул формиран во 1840 година. Солист на концертот бил Пол Луис, еден од најголемите пијанисти на денешницата а диригент Васили Петренко.

На годинешново Генерално собрание на ЕФА учествувале  123 делегати од триесетина земји во светот. Следната година овој голем собир на најзначајните културни здруженија ќе се одржи во Вроцлав, Полска, град на културата за 2016 година.