Skip to main content

На охридскиот аеродром слетаа првите патници од Англија

133 патници од Англија слетаа на охридскиот аеродром Св Апостол Павле. Гостите  беа пречекани со традиционалната церемонија за добредојде, воден мост околу воздухопловот, девојки облечени во народни носии, закуска со погача и сол и торта за добар старт на новата рута.

 |  Валентина Неловска  | 
patnici london

133 патници од Англија слетаа на охридскиот аеродром Св Апостол Павле. Гостите  беа пречекани со традиционалната церемонија за добредојде, воден мост околу воздухопловот, девојки облечени во народни носии, закуска со погача и сол и торта за добар старт на новата рута. Туристите од Лондон кои допатуваа беа претежно млади луѓе кои одлучиле дел од својот  годишен одмор да  го поминат на Охридското крајбрежје.

patnici„ Од Полска сум.    Дојдов од Лондон. Слушнав за убавините на  Охрид. Сакам да го истражам езерото и Македонија.
„ Патуваме и ја одбравме Макеоднија за одмор“.
„ Пријатели кои ја посетија Македонија ми ја препорачаа. Раскажуваа за убавиот град, езерото, храната  и сакав тоа и сама да го доживеам“, беа нивните коментари.  

Новата  авиолинија е субвенционирана од Општина Охрид и Владата на Република Македонија, а целта е преку евтини авионски билети да се привлечат туристи од Велика Британија. Градоначалникот на Охрид  Никола Бакрачески изјави дека започнува нова ера во развојот  на туризмот на целото крајбрежје и нова можност за развој на локалната економија во Охрид.

„ Авионскиот превозник „Виз ер“ има обврска на охридскиот аеродром оваа сезона да пристигнат околу 2.500 патници. Според договорот за субвениционирање авиолетови, наредната година летовите за Лондон ќе стартуваат од 15 мај до 31 декември, во кој период авиокомпанијата е предвидено да донесе седум илјади патници. Во текот на цела 2017 година предвидено е да се донесат 12 илјади патници и во првата половина на 2018 остануваат уште четири илјади патници“, напомена Бакрачески.

bakraceskiЗоран Крстевски, директор на „ТАВ Македонија” компанија што стопанисува со аеродромите во Македонија, изрази уверување дека редовната линија за Лондон ќе значи проширување на охридската и македонската туристичка понуда пред големиот британски пазар, со оглед дека Англичаните важат за туристичка нација што сака да освојува нови дестинации.

„  Добро е што се работи за линија на нискобуџетска компанија што ќе нуди поевтини билети. Ова нема да биде само прилика со поевтини билети да патуваат луѓе во двете насоки, туку и добра можност за бизнис – заедницата да воспостави бизнис-релации, имајќи ја предвид слободната економска зона што се наоѓа во непосредна близина на аеродромот, рече Крстевски.

Додаде дека оваа линија ќе биде атрактивна и за патниците од соседните земји, особено за Албанија.
Според договорот со „Визер”, предвидено е линијата Охрид-Лондон -Охрид да сообраќа два пати неделно до 13 септември.  Покрај оваа авио линија од 1 јули се очекува воспоставување на  уште една авиолинија на релација Охрид – Базел. Линијата ќе започне  со летови од 1 јули и ќе биде субвенционирана наредните три години.