Skip to main content

Грција повторно под закана за банкрот

Министрите за финансии на еврозоната ќе мораат да носат тешки одлуки

 |  инфодеск  | 

На европските берзи денес цените на акциите се во остро паѓање бидејќи на Грција ѝ се заканува банкрот и излегување од еврозоната, откако во неделата не беше постигнат никаков напредок во преговорите за решавање на грчките должнички проблеми.

Лошото расположение на пазарите е последица на уште еден пропаднат обид за пронаоѓање на решение за грчките долгови. Во неделата состанокот помеѓу претставникот на грчката влада и нејзините кредитори траел помалку од еден час и не вродил со никаков напредок.

Европските официјални лица инсистираат на намалување на пензиите и зголемување на данокот на додадена вредност за Грција за да се намали пресметковниот дефицит, но Атина тоа одбива да го направи.

Грчката влада и претставниците на трите институции ММФ, Европската комисија и Европската централна банка веќе со месеци преговараат за реформите со кои Грција треба да ги превземе за да се деблокира последната рата од финансиската помош од 7,2 милијарди евра.

Без тие средства малку е веројатно дека Грција ќе го избегне банкротот кога на крајот од овој месец ќе пристигне наплатата од ММФ од 1,6 милијарди евра.

Во четрврток за грчките должнички проблеми ќе расправаат министрите за финансии на еврозоната и најверојатно ќе мора да носат тешки политички одлуки.

Грчката влада и понатаму порачува дека е спремна да преговара, додека официјалните лица на Европската унија минатата недела одржаа прва официјална расправа за најлошото можно сценарио.