Уметнички дела со несекојдневна техника „изгорена хартија“ во Центарот за култура
Прекрасните дела изработени со техниката „изгорена хартија“ на италијанскиот уметник Росарио Меле, привлекоа големо внимание кај охриѓани.
Уметнички дела со несекојдневна техника „изгорена хартија“ во Центарот за култура. Некои од најпознатите уметнички дела на современиот италијански уметник Росарио Меле од вчера достапни за охридската јавност. Меле е скулптор, сликар, писател, особено познат во Италија и светот по несекојдневната техника на сликање која самиот ја именувал „изгорена хартија“. Сепак во изработката на сликите не е вклучено никакво горење на хартија, туку станува збор за техника која Меле самиот ја разработил на мешање на посебни африкански бои со восок и потоа нивно изложување на оган. Притоа резултатот кој се добива е уникатен и неповторлив. А еве како и зошто изложбата на неговите дела стигнала во нашиот град.
„Јас ги носам делата на Росарио Меле насекаде низ светот и не случајно го избрав Охрид за да ги претставам неговите дела. Го избрав Охрид затоа што е многу сличен со местото каде Меле ги создал неговите најголеми дела, инспирацијата ја собрал од местото Абадија Ларијана кое се наоѓа блиску езерото Комо. Росарио Меле беше долги години во Африка, Европа и Сад патувајќи но на крај се повлекол во ова место каде се посветил на создавање. Таму ја наоѓа инспирацијата, а најмногу се инспирирал од внатрешните емоции, внатрешните емоционални доживувања на работите.“-вели Елена Мишели, претседател на здружението „Росарио Меле“ од Италија.
Во рамки на изложбата на делата на Меле, беше промовирано и последното отпечатено негово книжевно дело насловено како „Африкански роман“. Рецензентот и претставник на издавачката куќа „Ларис“, Паоло Дондоли рече дека Росарио Меле не бил вообичаен уметник, туку уметник-трагач по одговорите на најважните човекови прашања.
„Станува збор за еден роман кој е над границите на вообичаеното. Меле опфаќа теми и осврти вообичаени како и останатите уметници. Росарио Меле има една многу силна способност, имал голема потреба да се истражи себеси и се она што значи духовност, и отишол за да ја постигне својата цел, заминал дури до Африка. Таму уметноста е нешто вообичаено и дел од секојдневието на секој човек, а се соочил со тешки услови во Африка зашто тоа е земја со тешки предизвици и многу опасна. Заминал да ги бара одговорите на се она што ние го носиме во себе, на она духовното, во место каде што уметноста е дел од секојдневието.“-рече Паоло Дондоли од издавачката куќа „Ларис“-Италија.
Инаку Росарио Меле е современ италијански уметник, сликар и писател особено познат по сликите изработени со техниката изгорена хартија, но подеднакво познати се и неговите графити, слики на платно, резби, скулптури и алт релјефи. Роден е во Наполи во 1924та година, а најголемиот дел од својот живот го понинува патувајќи низ САД, Габон, Алжир. Изложувал во Париз, Милано, Брисел, Њу Јорк, Сан Франциско. Изложбата на неговите дела во Охрид, ќе биде отворена до утре, 20ти јуни.