Велосипедско поврзување на Охрид и Струга
Ова е интересна идеја на општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и велосипедскиот клуб „Еко Дром“ од Охрид.
Велосипедско поврзување со соседна Струга. Ова е само мал дел од големата идеја на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и велосипедскиот клуб „Еко Дром“ од Охрид.
Овој проект кој тие заеднички го подготвуваат, е замислено во соработка со локалните самоуправи на Охрид и Струга, Секторите за внатрешни работи и министерството, како и сите други институции кои имаат некакво влијание во регулирањето на оваа сфера, да започне едно ново поглавје во приказната за велосипедистите во градов, но и бројните туристи кои токму на велосипед допатувале во Охрид. Една од можностите, доколку се реализира оваа идеја, според претседателот на општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, Стефан Димоски, е за оваа цел да се искористи стариот пат Охрид-Струга.
„Да се обидеме ако ништо друго барем од ова лето практично, условно од 15ти јули до 15ти август, овој пат да го направиме да биде еднонасочен. Втората лента од коловозот да се користи од велосипедистите кои што веќе и во овој период и месециве наназад многу интензивно се присутни на овој патен правец. Имаме практично огромна фреквенција на движење на велосипедисти, што од Охрид, што од Струга, но значајно е што имаме движење и на странски туристи, не само на велосипед, туку тие туристи и го пешачат овој пат.“-вели Стефан Димоски од Oпштинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.
Не само што овој проект треба да овозможи велосипедско поврзување на Охрид и Струга, туку истиот е замислено да придонесе многу во зголемување на безбедноста на велосипедистите, но и зголемување на бројот на туристи кои пристигнуваат во нашиот град на две тркала.
„Тоа е еден проект кој заеднички се надевам ќе биде одобрен за реализација, со Советот за безбедност на општина Охрид, идејата е да се дојде до поставување на големи табли на влез на граничните премини, Ќафасан, Свети Наум и Дебар и влез на територијата на УНЕСКО каде што се границите, како една опомена според стандардите на запад, метро и пол, автомобилот треба да го престигне велосипедистот, не со иронично свирење дека треба да му се тргните од патот и дека сега тој е шефот на патот и вози 110 километри на час.“-рече Александар Јованоски од велосипедскиот клуб „Еко Дром“.
Чинителите во овој проект велат дека стојат на ставот дека доколку оваа идеја се реализира, истата во голема мера би придонела за подигање и афирмирање на Охрид како туристичка дестинација и претворање на градот во велосипедска Мека.