Skip to main content

Охрид пулсира во ритамот на ракометот со кампот на Андреа Лекиќ

67 талентирани девојчиња ги учат тајните на ракометот од капитенот на женската ракометна репрезентација на Србија и ракометарка на ЖРК Вардар, Андреа Лекиќ.

 |  Мишел Наумоски  | 
kamp rakomet

Трет ракометен камп на Андреа Лекиќ. Охрид деновиве пулсира во ракометниот ритам. 67 девојчиња од десет различни земји седум дена ќе ја учат ракометната игра од исклучително стручниот тим на Академијата Лекиќ.  Најдобрата ракометарка на женскиот ракометен клуб Вардар и капитен на српската ракометна репрезентација, Андреа Лекиќ вели дека е навистина задоволна што овој камп се случува токму во Охрид. Во седумте дена колку што трае кампот, Лекиќ вели дека ќе пробаат да ги насочат децата во вистинскиот правец, да напредуваат колку што можат во ракометните сегменти но и да научат некои основни човечки и морални вредности.

rakometen kamp„Задоволство е и чест што сме овде презадоволни сме, многу сум благодарна пред се на мојот стручен штаб и на овие девојчиња што ни го разубавуваат секој ден. Ние ќе се трудиме и наредните години да доаѓаме овде на ова исто место, а се надевам и дека овие девојчиња зад нас секоја наредна година ќе бидат повеќе и повеќе и навистина најголема радост е да се види таа детска насмевка секојдневно и тоа е мој мотив и она што ме движи напред.“-вели Андреа Лекиќ, ракометарка.

Но не само дечињата кои учествуваат во кампот, во текот на утрешниот ден и сите охриѓани ќе можат да уживаат во ракометната игра.

andrea lekic kamp„Утре најавуваме ракометен ден во центарот на Охрид од 13:30 до 14 и 30 часот. Ги покануваме сите жители на Охрид и туристите да дојдат, и да споделиме еден ракометен момент, да бидат со најдобрата ракометарка на светот Андреа Лекиќ, да бидат со нејзиниот тим, да уживаат во едно попладне од еден час придружени со ракометни игри, за кои што ќе има награди.“-вели д-р Дејан Трифуновски, организатор и дел од медицинскиот тим на кампот.

Шефот на тренерскиот тим, и поранешен врвен ракометар Горан Цвијаниќ, вели дека еден од главните нивни атрибути е тимот од лекари кои се грижат за доброто на децата во кампот.

Lekic kamp rakomet„Ние сме навистина горди што може да го претставиме еден од најдобрите лекарски тимови на кои што би можела да ни позавиди било кој организиран европски и светски клуб. Со нас е д-р Мирче Симеонов, професор на Медицинскиот факултет во Скопје, секојдевно е на терен со нас, дел од тој тим е и Рубин Србиновски и ти се заблагодарувам што посветуваш време на сите нас. Д-р Дејан Трифуновски, кој е член на медицинскиот и организациониот тим, тој ќе ви се обрати подоцна.“-изјави Горан Цвијаниќ, шеф на тренерскиот тим.

Дел од овој тим се и спортскиот психолог Бојана Јеличиќ, кондициониот тренер Марија Лојаница, тренерот на голманите Бранка Јовановиќ, селекторот на младата ракометна репрезентација на Швајцарија Кристоф Сали како и Катарина Томашевиќ, член на ракометниот клуб „Ференцварош“ кој е актуелен шампион во Унгарија.

Инаку освен активностите во текот на утрешниот ден, многу ракомет и во четврток кога во точно напладне во салата „Билјанини Извори“ меѓу себе ќе одиграат женските ракометни клубови Моби Дик од Охрид и Стружанка од Струга. Во текот на вечерта на бродот Александрија 2 ќе бидат доделени наградите за најдобрите. Од Академијата Лекиќ изразија и голема благодарност до локалната самоуправа и јавното претпријатие „Билјанини Извори“ за нивната поддршка во овозможување на услови за одржување на ракометниот камп.