Многу проблеми во туристичката населба Подмоље
Бројни проблеми ги тиштат жителите од населбата Подмоље. ТВМ денес беше на терен за да слушне дел од нив за да ги пренесе до јавноста и до надлежните.
Жителите од туристичката населба Подмоље без вода, пристапни патишта, улично осветлување, недоволно контејнери. Ваквата состојба ја трпеле години наназад, како што и самите кажаа пред камерата на ТВМ. Тие денес јавно проговорија за овие проблеми. Според нивните изјави, тие сметаат дека се дискриминирани, а реагираат дека надлежните воопшто не водат грижа за ова место и дека кренале раце од нивните проблеми. Еден од најгорливите проблеми е водата за пиење, за што се пожали Елица Нацевска која веќе 20 години живее во оваа населба.
„Вода немаме од лани, мај месец. Молам, плачам секој ден по телефон се јавувам до општина Дебрца. Посебно вчера и завчера немаше вода 24 часа. Кога дојде таа беше тиња и кал, не е ниту за цвеќиња вадење. Ни ја затвораат водата тука во Оровник, за да оди во нивниот резервоар, а нивниот резервоар е високо над селото, затоа ние имаме проблеми немаме вода, а плаќаме редовно. Добро е што го снимате ова но верувам дека ќе помогните надлежните да го слушнат нашот глас“ – велат мештаните.
Проблемот со водата во Подмоље не е од денес, туку постои уште со изградбата на системот во 1996 год. Тие со пумпна станица директно се врзани на водоводната мрежа без резервоар, вели Стојмир Вељаноски, одговорниот на ЈП за комунални дејности од Дебрца. Додава, дека проблемот би се надминал со поставување на резервоар само за Подмоље.
„Моментално тие беа врзани на резервоарот од Оровник и тука спорот е што 10 месеци имаат вода, за тоа гарантирам а овој период бидејќи овој период се враќаат сопствениците на викендичките и се појавува тој недостаток на вода или при дефект каде водата се повлекува и истекува“ – нагласи Вељаноски.
Но ова не е единствениот проблем на кој се жалат мештаните на туристичката населба во Подмоље.
„Плаќаме атмосферска а овде на најмал дожд реки течат, на потрошена вода 210 денари плаќам 195 денари атмосферска и канализација, тоа го нема никаде, мислам зборуваме за вода. Атмосферска вода нема капаците се од затворен тип, не се од отворен тип да ја собира водата, овде реки течат и при најмал дожд јас со чизми до продавница доаѓам, тоа го нема никаде а плаќаме комуналии“ – се жалат мештаните.
За овој проблем од ЈП „Нискоградба- Охрид“ не информираа дека висината на надоместокот за одведување и третманот на атмосферски води на подрачјето на општина Охрид и др населени места утврдени со ДУП, е согласно донесената одлука од Управниот Одбор на ЈП Нискоградба и одлука на Советот на општина Охрид.
Тихомир Спироски пак, се жали на висината на сметката за ѓубре.
„Не правам губре, губрето го носам некогаш до Скопје, бидејќи нема доволно контењери“
Уште еден проблем. Патот е посебна приказна. Речиси и да не постои пристапен асфалтиран пат до нашите куќи, реагираат мештаните. Велат, колите ги испокршивме, а да се разминеме нема простор и понекогаш се случува да дојде и до сообраќајна незгода.
„Проблеми има колку сакате, од 1983 почнавме со градење, тогаш платив комуналии за се но патиштата се за никаде е , немавме струја моравме бандери да носиме, немавме водовод сами копавме носевме цевки плаќавме работници, што да кажам“ -реагираат мештаните.
Мештаните се пожалија и на уличното осветлување. Секој месец на сметката за струја плаќале за улично осветлување, а во нивната населба имало само две бандери кои воопшто не светеле.
После сите овие забелешки на мештаните од туристичката населба Подмоље на потег се надлежните. Остана само да напоменеме дека Подмоље припаѓа на општина Охрид, а дел од ингеренциите во комуналната сфера ги има општина Дебрца.
{loadposition content9}