34 вработени со договор на дело во градинката „Јасна Ристеска“ го решија својот работен статус
Велат дека ова е мотив и поттик за уште поодговорно и попосветено да си ја вршат својата работа.
После долги години работа со волонтерски статус, денес 34 вработени во детската градинка „Јасна Ристеска“ го решија својот работен однос. Дофоворите за работа на неопределено време ги добија благодарение на Законот за трансформација на работниот однос, чие донесување беше иницијатива на градоначалникот Никола Бакрачески.
„Тоа е потврда на напорите и посветеноста на Владата на Р.М но и локалната самоуправа за вработените во јавните институции, државните институции но тоа е и дел од напорите кои локалната ги прави со цел да го подобри квалитетот на услугите кои ги даваат градинките во Република Македонија и Охрид, а пред се она што е наша грижа, на овој начин се обезбеди потребниот работен кадар којшто долги години наназад не го имаше регулирано статусот во детската градинка „Јасна Ристеска“ и со тоа се обезбедија услови за поквалитетни услуги.“-вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Вработените во градинката кои денес ги добија своите решенија, пресреќни. Со широки насмевки и по некоја скриена солза дочекаа конечно решавање на својот работен однос.
„Да ни овозможат да дојдеме и ние до решение, затоа што ова решение го чекаме 5, 10 и 12-13 години и овој ден денес е најсреќен за сите нас кои сме дојдени овде вработени, пресреќни сме. Овие решенија за нас ќе значат решен работен статус, залагање уште повеќе на работното место, поодговорни.“-изјави Жаклина Јованоска, вработена во ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.
„Денешниот ден е голем празник за градинката“– рече директорката на оваа институција, Розе Костеска“. Според неа, со решавањето на работниот статус на овие лица се решава еден горлив проблем и за вработените и за градинката.
„Вработените кај нас се ангажирани некои дури од 2002 навака па замислете колку години чекале во неизвесност, не знаат што ги очекува во текот на животот, а денес веќе го имаат решено тој проблем, се надевам дека среќата можете да ја видите на нивните лица, секако и за нас ова е огромен успех за нашиот град, и за градинката исто така.“-рече директорката Костеска.
Костеска воедно најави дека најверојатно до 30ти Септември со работа ќе започне и новата работна група во Пештани. Во моментов, вели, дека имаат обезбедено 96 проценти од потребниот кадар, а остатокот од 4 проценти се однесува на вработените кои од ова лето заминуваат во пензија и три вработени лица преку агенцијата за времени вработувања, на кои би требало во идниот период да им биде решен работниот статус како и лицата кои ќе работат во новата работна група во Пештани.