Изработката на стратегија за развој на туризмот прескапа за буџетот на локалната
Од локалната велат дека спасот ќе го бараат во европските фондови.
Стратегијата за долгорочен развој на туризмот прескапа за општина Охрид. Овој исклучително важен документ се најавува неколку години наназад, но барем досега истиот не е изработен. Според градоначалникот Никола Бакрачески, ова бил еден од приоритетите на локалната поставени уште на почетокот на мандатот, но досега ниту една институција од Македонија не пројавила интерес и желба да ја изработи стратегијата. Во преговори со неколку странски консултантски куќи пак, референтната цена која локалната ја добила за изработка на стратегијата ги надминувала можностите на општинскиот буџет.
„Според разговорите со овие консултантски куќи кои изработувале, и имаат подолга референца на изработка на стратегии за долгорочен развој на туризмот, една таква стратегија нема да не чини помалку од 200 илјади евра, во денарска противвредност. Ние во овие две години не изнајдовме можност, односно не обезбедивме буџет, според нашиот план и програм за работа врз основа на кој би спровеле една постапка за ангажирање на консултантска куќа за изработка на стратегија за долгорочен развој на туризмот.“-вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Имајќи ја предвид ваквата ситуација, градоначалникот Бакрачески, смета дека еден од можните излези и решенија би било користењето на средства од европските фондови што воедно било и размислување на странските консултантски куќи. Од секторот за ТЛЕР пак извесно решение гледаат во проектот на швајцарската организација Свис контакт.
„Во наредниве 4 до 5 години во кои ќе се имплементира овој проект во кој учество ќе земат голем број на еминентни стручњаци од областа на туризмот од Швајцарија, ќе имаме можност да се изработат стратегии за развој на дестинациски менаџмент, што всушност сметам дека ќе биде еден тип на стратегија за развој на туризмот конкретно за Охрид. Со имплементација на овој проект ќе ни се овозможи можност за користење на оние активности кои ќе бидат предвидени со овој документ, а всушност ќе претставуваат еден тип на развојна стратегија за туризмот.“-рече Ѓоко Апостолов од секторот за ТЛЕР.
Инаку што се однесува на изработката на стратегијата за долгорочен развој на туризмот во Охрид, минатото лето, при посетата на генералниот секретар на Светската туристичка организација, Талеб Рифаи, беше добиено ветување дека токму оваа организација ќе и помага на локалната во изработакта на стратегијата преку давање на насоки и совети. Експертите од областа на туризмот години наназад зборуваат околу значењето на изработката на оваа стратегија. Според нив, без стратегијата, туризмот не може да се развива во позитивна насока бидејќи врз основа на овој општ акт се донесуваат голем број документи на локално ниво кои и тоа како се потребни за развој на оваа стопанска гранка.