„Креативна работа во пост-комунистички земји“,
Како да се заштити уметничкиот производ, до кој степен треба да го вреднуваме истиот, слободата во изразувањето, како и тоа дали има добри менаџери, се само дел од правата кои ги бараат културните работници во нашата земја. Тие апелираат менаџерите и луѓето кои се на чело на синдикатите да седнат на округла маса и отворено да продискутираат за проблемите во креирањето на културната политика.
Во рамки на проектот „Креативна работа во пост-комунистички земји“, денес во Охрид се одржа тркалезна маса. Тука стана збор за истражувањата на искуствата од креативна работа во три сфери, перформативната сфера музичари и театарски работници од една страна, модните дизајнери и шивачките и уметниците со нови технологии. Со претставници од сите сфери уште еднаш стана збор не само за нивните искуства и проблеми и задоволство од работата туку и како тие како уметниците и како работници, се гледаат во иднината, нагласи модераторот доц. Д-р Ана Алачовска, раководител на проектот при културниот центар „Медиа Артес“ од Охрид.
„Заклучокот генерално е, дека тоа е една многу компетитивна сфера во која што многу се работи, прекувремено, не е доволно платена, работа која е претерана што значи дека нема гаранции за успех, меѓутоа нема гаранции за една долгорочна одржливост особено за жените кои се малку присутни во оваа област и на тој начин проговоривме за некои можни решенија во иднина со кои што би можеле да помогнеме за подобрување на состојбата на креативните работници, кои што генерално во светот се сметаат типот на работници на 21 век, се смета дека креативната работа е нафтата на 21 век, но за жал во Македонија сеуште сметаме дека креативната работа не е труд и тоа не треба да се наплати и валоризира во рамките на пазарот“ – нагласува Алачовска.
Алачовска жали што на тркалезната маса иако биле уредно поканети претставниците на Министерството за култура, претставниците на униите на синдикатите воопшто не сакале да присуствуваат на оваа дебата. Таков е впечатокот и на уметниците. Состојбата на креативните работници на овие простори е неспоредлива во однос со онаа во западно европските земји или САД, вели актерот Стрезо Стаматоски. Тој нагласи дека преостанува да се изборат за поголеми права и подобри услови и се тоа да биде комерцијално исплатливо, а ваквите тркалезни маси се вистинскиот начин за да се дојде до некакви права.
„Исклучително многу бидејќи за прв пат се прави едно вакво мапирање на овој терен, покрај во Македонија, работевме и со нашите партнери во Албанија и мислам дека исклучително е важно, за подобрување на ситуацијата општо на целата културната политика. За жал сеуште постојат луѓе на главни позиции, кои што би требало да се први присутни тука да ги заштитуваат правата на културните работници но практично е да се донесат од непознати причини, невозможно е да се донесат и да седнат на иста маса со би рекол со „најдолните во областа“, со работниците директно и да отвориме една дебата дискусија да видиме реално до каде сме стигнале, така да се надевам дека во иднина ќе го подобриме и тоа, некако ќе ги измолиме па ако треба ќе ги донесеме и на сила“ – вели Стаматоски.
Проектот „Креативна работа во пост-комунистички земји“ е финансиран од швајцарската агенција за развој. Учесниците дискутираа за испреплетувањето на културата и уметноста од една страна, а финансирањето и економијата од друга страна. Главниот впечаток е дека има премалку истражувања од каде може да се црпат знаења како да се подобри работата на креативните луѓе, но има и премалку истражување за публиката, што сака таа, која е публиката, исто така истражување за културниот менаџмент кој што очигледно не е професионализиран и создава тензии во секојдневниот живот и секојдневните практики на креативните луѓе.
{loadposition content9}