Наша сограѓанка се жали на судски неправди
Таа прашува на која основа охридскиот суд донел пресуда затвор во траење од четири години за нејзиниот син бидејќи според неа за тоа немало докази.
Наша сограѓанка се жали дека нејзиниот син бил жртва на судска неправда. Таа вели дека охридскиот суд неосновано го осудил нејзиниот син за извршено кривично дело „силување“ бидејќи според неа за тоа немало докази. Токму поради тоа, таа вели дека ја обжалиле првичната пресуда од четири години казна затвор за нејзиниот син во Апелациониот суд во Битола. Од таму била добиена одлука за спроведување на повторно судење во Охридскиот суд на кое таа вели дека уште еднаш му била потврдена првичната пресуда. Според неа, во Охридскиот суд не било земено во предвид стручното вештачење, како и стручното мислење на докторите, кое според нашата сограѓанка биле клучни во докажувањето на невиноста на нејзиниот син.
„Вештачењево заврши во фиока, првиот пат ние го добивме со пријателство од Скопје не го даваше јавниот обвинител, ние го добивме вештачењето. Јавниот обвинител не го покажа вештачењето на судењето. Кога се врати повторното судење од Битола тогаш го покажа јавниот обвинител, а ние веќе го имавме в рака. Инаку првото судење не го кажуваа, заврши во фиока. Kога го врати битолскиот суд на повторно судење во Охрид тогаш таа овој документ го виде, кога кажуваше вештакот од Битола, а дотогаш таа го немаше овој документ видено, судијката.“-вели нашата соговорничка.
Во моментов, нашата сограѓанка вели дека чекаат повторен одговор од Апелациониот суд од Битола бидејќи ја обжалиле и повторната пресуда, но дека за сега немаат добиено одговор.