Наместо Мостот на желбите ќе се направи нов мост
Од наесен наместо Мостот на желбите ќе се направи нов мост. Тоа го тврдат од Локалната самоуправа. Има повеќе причини за тоа. Прво што Мостот на желбите е дивоградба и има решение за негово рушење и второ што изградбата на ветената пешачка патека по брегот на езерото ќе почека па мора да се најде некое времено решение.
Преку Мостот на желбите од центарот на Охрид кон плажата Канео во сезона секојдневно поминуваат илјадници туристи и жителите на населбата Канео. Овај премин многу често се оштетува од страна на минувачите, но пред извесно време беше оштетен и од градежните активности кои се превземаа за санарирање на бедемот на Долни Сарај. Со тоа се доведува во прашање безбедноста на минувачите.
Овој мост е безбеден толку колку што може да е безбедна една ваква градба. За неговото одржување треба да се грижи концесионерот на плажата Потпеш, вели Томе Џамтоски- портпаролот на Локалната самоуправа.
Од наесен на местото од Мостот на желбите ќе се гради нов мост, велат од локалната самоуправа. Уште од пред една година општината издаде решение за негово отстранување, но во интерес на туристичката сезона не се стори тоа. Изградбата на Мостот на желбите од страна на бизнисменот Велија Рамковски уште пред осум години кога беше актуелна оваа тема крена многу прашина. Институциите на државата и тогаш реагираа дека мостот е дивоградба, додека тогашната локална самоуправа ја поздрави неговата изградба оценувајќи дека овој премин е во интерес на развојот на туризмот и дека со секојдневната употреба од страна на гостите и локалните жители, ја оправдува својата функција. Оваа Локална сака да ги поправи грешките од минатото и да го сруши нелегално изградениот мост, но се наметнува прашањето дали новиот што ќе го градат од наесен е вцртан во ДУП-от за овој потег од градот или и тој ќе биде дивоградба.
Во овај момент не можам да кажам дали новиот мост е предвиден во ДУП-от но верувам дека ќе се изнајде решение неговата изградба да биде легална и законски поткрепена, вели портпаролот на Локалната самоуправа , Томе Џамтоски.
Минатото лето кога Локалната самоуправа го најави уривањето на Мостот на желбите објави дека ќе гради пешачка патека до Канео па од мост на овој потег нема да има потреба. Но од ова сеуште нема ништо конкретно. Џамтоски објаснува дека изградбата на пешачката патека е во фаза на идејно решени па затоа одлучиле додека нема нешто поконкретно да изградат нов, посигурен мост на местото од сега постоечкиот. Но, да потсетиме дека во ноември минатата година, Министерството за транспорт и врски објави Јавен оглас за изработка на проектна документација за изградба на пешачка патека од охридскиот плоштад до црквата „Св.Јован Канео“ и поврзување со патека до плажата Лабино. Проценетата вредност на проектната документација без ДДВ беше проценета на околу 19.000 евра или 1,2 милиони денари.
{loadposition content9}